Некогашното матично, кое се наоѓа во задниот дел од дворот на Општина Центар, ќе биде предадено на користење на заинтересираните младински здруженија и невладини организации, а дел ќе биде наменет за потребите на администрацијата на општината.

Бараката, Владата и ја предаде на Општина Центар, а општината комплетно ќе ја реконструира и преуреди, за што распиша јавен оглас за избор на најповолен изведувач на градежно занаетчиски работи.

Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 25 септември во 10 часот, кога ќе се спроведе јавното отворање.

Реконструкцијата ќе опфати нова фасада и покрив, внатрешно уредување, реконструкција на санитарен јазол, промена на внатрешниот водовод, реконструкција на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем и громобранска и против пожарна инсталација. Работите ќе започнат веднаш кога се одбере фирмата изведувач и се очекува да завршат до Нова година.

Целиот зафат ќе чини околу 6 милиони денари. Дел од средствата се добиени како донација од УНДП и од швајцарска агенција за развој и соработка, како дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, а дел се сопствени средства од буџетот на Општина Центар.