Цената на парното не може да се намали прекуноќ, за да се приклучат домаќинствата корисници на дрва и јаглен Фото: Игор Бансколиев

Невозможно е прекуноќ Регулаторната комисија (РК) за енергетика да ја намали цената на парното и веднаш сите домаќинства што се греат на дрва или јаглен да се приклучат на парно, па зимава да се намали загадувањето на воздухот. Огромен број граѓани и да сакаат не можат да се греат на парно, бидејќи во градов има објекти до кои мрежата не е ниту стигната, ниту пак сите имаат потстаници, цевководи и радијатори во станбените објекти. Регулаторите потврдија дека до нивните стручни служби досега не е пристигнат никаков допис од Владата дека цената на парното мора да се намали зимава за да се зголеми бројот на корисници на парно, ниту пак тоа е можно да се стори бидејќи станува збор за регулирани дејности, определени и контролирани од трошоците на компаниите што се занимаваат со дистрибуција на топлинската енергија. Единствено велат дека е можно да се примени мерката за намалувањето на ДДВ за испорачаната топлинска енергија од 18 на 5 отсто и оти би било добро ако таа почне да се применува од 1 јануари 2019 година.

Можеби на овој начин Владата би можела да убеди некои од граѓаните да се вратат на користењето на топлинската енергија за загревање на своите домови, велат регулаторите и додаваат дека ги поддржуваат сите мерки, кои се во насока на намалувањето на загадувањето на воздухот и зголеменото користење на централното греење. Но сите немаат и не можат да имаат централно греење. Компанијата за дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“ ДООЕЛ дистрибуира топлинска енергија на подрачјата на општините Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир и има 50 илјади корисници, во кои освен домаќинствата, влегуваат и образовните институции и деловните субјекти. Во дел од Чаир и во општината Бутел топлинска енергија дистрибуира топлификацијата „Скопје Север“, која има 470 корисници и само дел се домаќинства. Во Чаир во голем дел од зградите немаат парно, бидејќи станарите сами треба да се организираат да најдат компанија, која ќе им инсталира потстаници, цевководи и радијатори до становите. Некои, пак, од општината Гази Баба се снабдуваат со топлинска енергија преку ЕЛЕМ „Енергетика“, која има 3.700 корисници, од кои исто така дел се домаќинства. Овие компании се обидуваат да ја прошират дистрибутивната мрежа. Од БЕГ тврдат дека подготвуваат и годишна инвестициска програма, која ги содржи планираните инвестициски проекти за реконструкција, модернизација и за проширување на мрежата.

– РК постапувајќи во согласност со своите надлежности утврдени со Законот за енергетика носи подзаконски акти за регулирање цени и тарифи за регулирани енергетски дејности. Во однос на топлинската енергија Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесува правилник за цени на топлинска енергија и системски услуги, тарифен систем за топлинска енергија, правила за снабдување со топлинска енергија и ги одобрува мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија. Со правилникот за цени на топлинска енергија и системски услуги на друштвата што вршат регулирани дејности во областа на топлинска енергија им се утврдува регулираниот максимален приход што им овозможува покривање на оперативните трошоци, трошокот за амортизација, принос, како и трошоците за гориво потребни за производство на топлинска енергија. Доминантно влијание на цената на топлинската енергија има горивото што се користи за производство на топлинска енергија, во случајот природниот гас – објаснија од РК.

Оттаму додаваат дека во согласност со правилникот, цената на топлинската енергија се утврдува еднаш годишно во месец јули. Во случај на значајни отстапување на предвидените трошоци можна е и вонредна корекција на цената. Во насока на намалување на загаденоста на воздухот, регулаторите го поддржуваат најавеното намалување на ДДВ за топлинска енергија од 18 отсто на 5 отсто, од страна на Министерството за финансии, за што велат стојат на располагање за обезбедување податоци и пресметки за кои имаат надлежност.=. Со ова би се овозможило поголемо користење на централното греење со што би се замениле други нееколошки начини на греење.

– Не може никој да ни се јави и прекуноќ да ја намалиме цената на парното. Намалувањето може да се случи само во краен случај ако нагло падне цената на гасот. Се надевам дека намалувањето на ДДВ за топлинската енергија ќе донесе нови потрошувачи. Последниве две до три години кон топлификациската мрежа се приклучени 15 илјади нови потрошувачи – вели м-р Марко Беслимовски, претседател на РК.

Од компанијата БЕГ велат дека постојано работат на проширувањето на дистрибутивната мрежа за да се приклучат што повеќе корисници.

– Во дистрибутивната мрежа, од 2013 година откога компанијата ја поседува лиценцата за дистрибуција, е извршена реконструкција со дислокација и проширување на повеќе од 17 километри топловодна траса или 34 километри цевководи. Притоа на системот за централно греење со кој оперира „Балкан енерџи груп“ се приклучија објекти со повеќе од 9.000 потрошувачи. Во согласност со актуелната инвестициска програма на дистрибутивниот систем, во тек е замена на два магистрални цевководи со вкупна должина од 4,5 километри – велат од БЕГ.

Објаснуваат дека дополнително во дистрибутивниот систем, поради лошата состојба на дистрибутивната мрежа, која е затекната при преземањето во 2013 година, значително вложиле во тековното одржување, со десеткратно зголемување на бројот на годишни санации на дефекти во однос на просекот пред 2013 година. Извршиле замена на повеќе од 9 километри дотраени цевководи од дистрибутивна мрежа при санација на 850 дефекти каде што имало истекување.