Учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ изработија видео за да укажат на локалниот проблем со кој се соочуваат, бидејќи не се во можност безбедно да ја преминат улицата на која се наоѓа средното училиште. Овие ученици се обраќаат со барање до институциите, да се подобри сигнализацијата на булеварот и улицата за да се зголеми свесноста на возачите за учениците кои учат во близина и да се обезбедат безбедни премини, за движење на учениците без загрозување на нивните животи и сообраќајот.

Средното училиште ДУЦОР „Партенија Зографски“ се наоѓа помеѓу фреквентната улица Благоја Стефковски и булеварот Александар Македонски, којa продолжува кон автопатот А-75 и ги спојува двата дела од градот.

Учениците во ова и другите околни училишта често не можат безбедно да ја поминат улицата и нивната безбедност е загрозена, за што сведочат и минати сообраќајни незгоди. Проблемот е поради недоволната сообраќајна сигнализација на булеварот и на улицата. На двата пешачки премини околу училиштето нема доволно сигнализација (знак, семафор, лежечки полицаец) ниту пак надвозен премин. Никаде не е означено дека во близина се наоѓа училиште каде што учат ученици со оштетен слух и говор, кои не можат да ги чујат сирените на возилата.

Испратено е и барање до Град Скопје за итно решавање на овој проблем кој е од исклучителна важност за глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“, како што наведуваат од училиштето.

– Во последните пет години на овие улици имало повеќе незгоди, на улицата Благоја Стефковски имало 113 незгоди со телесни повреди, 9 со тешки телесни повреди и 1 лице кое трагично го загубило животот. На булеварот Александар Македонски пак, имало 240 незгоди со телесни повреди, 26 со тешки телесни повреди и 6 лица трагично го загубиле животот. Иако овие податоци се однесуваат на целиот потег на улиците, не само околу училиштето, сепак го покажуваат ризикот за учениците во сообраќајот – се истакнува во соопштението до јавноста.

Видеото е изработено во рамки на младинска акција на членовите на Клубот за демократско учество при ДУЦОР „Партенија Зографски“ спроведуван од страна на Младински образовен форум, со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер и британската влада.