Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку граѓаните забележат суви, заболени или опасни дрвја пред паѓање, треба писмено да се обратат до Секторот за комунални работи на градот Скопје. Нивни претставници ќе излезат на терен и ќе ја утврдат фактичката состојба. Ако е дрвото за сечење или за кастрење, ќе издадат решение за сечење или кастрење и потоа ЈП „Паркови и зеленило“, откако ќе го добие решението, ќе го исече или поткастри дрвото. Дотогаш граѓаните ќе мора да почекаат

Периодот на врнежи и силни ветрови е причина за високите тревници по парковите и за паднати гранки, што претставуваат своевидна опасност. Особено кога тие можат да паднат на нечиј прозорец, врз нечиј автомобил или, пак, на места каде што има фреквенција на луѓе. Одржувањето на тревниците пред станбените згради е обврска на општините, кои, секако, треба да се погрижат за нив, бидејќи во некои делови од градов личат на вистински змијарници. Кога се во прашање сувите гранки од дрвјата, граѓаните често имаат дилема дали самите да ги исечат или, пак, треба да побараат услуга од ЈП „Паркови и зеленило“. Но она што е најважно во случајов е дека експерти треба да одлучат каде и кога треба да се поткастрат дрвјата и да ги соберат гранките. Дотогаш граѓаните треба трпеливо да чекаат, ако во меѓувреме ветрот не го направи своето. Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ велат дека имаат премногу обврски и дека некогаш доцнат со собирање на гранките. Оттаму додаваат дека доколку граѓаните имаат дотраени дрвја или гранки или имаат дрво што им пречи и може да им наштети, треба да се обратат до градот за да дојдат и да го исечат.

– Доколку граѓаните забележат суви, заболени, искривени или опасни дрвја, треба писмено да се обратат до Секторот за комунални работи на градот Скопје. Нивни претставници ќе излезат на терен и ќе ја утврдат фактичката состојба. Доколку дрвото е за сечење или кастрење, ќе издадат решение за сечење или кастрење и потоа ЈП „Паркови и зеленило“, откако ќе го добие решението, ќе го исече или поткастри дрвото – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Но периодов почна да расте и вегетација по јавните површини, која треба да се искоси. На некои од локалните паркови веќе се реализираат вакви активности. Искосени беа зелените површини во близината на улицата Јуриј Гагарин. Се искоси тревата од парковите пред ресторанот „Фурна“, додека пак тревните површини од спротивната страна на улицата пред станбените згради се претворени во мала џунгла. Од „Паркови и зеленило“ велат дека парковите пред станбените згради на Јуриј Гагарин се обврска на општината Карпош.

– Зеленилото што е под наша надлежност е комплетно средено, додека блоковското зеленило е под надлежност на општината Карпош и можете таму да се обратите. Имено ЈП „Паркови и зеленило“ е одговорно за одржување на зеленилото во градските паркови, по главните булевари, магистрални и собирни улици што се под ингеренции на градот Скопје, додека пак зеленилото во блоковите, помеѓу зградите во населбите, е во надлежност на општините – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

[email protected]