Генералниот секретар на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, ќе биде прв македонски пратеник во албанскиот Парламент.

– По известувањето од Централната изборна комисија на Албанија, Извршниот комитет на МАЕИ донесе одлука Стерјовски да го прифати пратеничкиот мандат и во парламентот да ја претставува програмата на Македонска алијанса за европска интеграција, како дел од парламентарната опозиција – се наведува во соопштението на партијата.

Стерјовски ќе даде заклетва на првата седница на албанскиот законодавен дом, која веројатно ќе се одржи следниот четврток. Тој е познат активист за правата на Македонија во Албанија. Запишан е на докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за национална историја на студиската програма на хуманистички науки, подпрограма „Историја на Македонија, со потесна област на истражување Македонците во Албанија“.

МАЕИ беше дел од изборната коалиција предводена од Социјалистичкото движење за интеграција, На последните парламентарни избори во Албанија, одржани во јуни 2017 година.