Фото: Твитер

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и мајката на бизнисменот Јордан Камчев, Ратка Камчева, се ставени на „црната листа“ на САД објавена попладнево, во согласност со одлуката на американското министерство за финансии. На листата се и неколку компании поврзани со нив.

Во образложението на одлуката се посочува дека сите наведени доспеале на листата поради нивната тесна поврзаност со Камчев, кој и самиот беше ставен на „црната листа” во јули годинава. Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер соопшти дека станува збор за предупредување.

– Денешното соопштение е предупредување за поединци кои ја злоупотребуваат својата моќ и довербата на народот, дека САД ќе ги повикаат на одговорност корумпираните актери. Оваа назнака е потсетник дека соработката со одредени луѓе ќе има влијание врз вас и вашето семејство – се наведува во изјавата на Агелер објавена на фејсбук-страницата на американската амбасада во земјава.

Американскиот Стејт департмент минатата година ги стави на „црната листа“ за патување поранешниот премиер Никола Груевски и екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, како и нивните потесни семејства.

Претходно на „црната листа“ на САД, беа ставени и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.