Домаќинствата и правните субјекти, кои користат вода од водоводот Росоки-Дебар добија нова цена на водата за пиење, која веќе се применува со сметките за февруари.
Така, метар кубен вода за домаќинствата наместо 19 сега чини 21,40 денари, додека за правните субјекти таа е повисока за 2,67 и изнесува 40,67 денари.
Како што информираа од Јавното комунално претпријатие „Стандард“, кое стопанисува со водоводот, цените ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за отпад.
Од водоводот Росоки-Дебар, кој е изграден 1987 година, со зафаќање на изворите кај село Росоки, област Мала Река, со вода за пиење, се снабдуваат Дебар, дел од Центар Жупа, од кракот кој се одделува кај Мелнички Мост, како и селата Долно Косоврасти и Рајчица, низ кои минува цевководот.
Дозволата за користење на водата од изворот во село Росоки претпријатието ја обнови пред две години, што беше за првпат од времето на поранешна Југославија.