Трета година по ред топлото време во текот на зимата добро му доаѓа на пчеларството и ако нешто непредвидено не се случи во пролетниот дел од сезоната и годинава може да се очекуваат добри приноси на мед – најавуваат пчеларите од кичевско.
Тие се оптимисти и веруваат дека и годинава ќе се повтори ланската сезона кога имаа добри приноси на мед.
-Температурите во текот на оваа зима беа солидини за пчелите што е добра основа да се очекува добар принос годинава. Пчелите веќе почнуваат да собираат полен и имаат поголем развој за разлика од годините со пониски зимски температури. Во овој период кога се активни пчелите им треба повеќе храна пред се погачи, додека течната храна не им одговара бидејќи може да дојде до нејзино замрзнување. Ако се случи температурите да паднат значително под нулата тоа ќе придонесе пчелите да не можат нормално да се развиваат што автоматски ќе се одрази и на приносот на мед. Значајно е тоа што ако направат поголемо легло, во случај на пониски температури не ќе можат да го затоплат леглото кое што треба да ја достигне неопходната температура од 32 степени – вели Коста Галимоски, пчелар и претседател на Земјоделското здружение „Виножито“ од Кичево.
Тој нагласи дека неопходно е температурите да не бидат многу ниски бидејќи некаде околу 15 јануари пчелите ја започнуваат нивната т.н. нова сезона и потсети дека топла пролет значи и предуслов за плодна година на пчелите.
-Најдобро е да имаме пролет без ниски температури, за да можат пчелите да соберат доволно полен т.н. пчелен леб за да го развијат леглото, а исто така да има дождови да нема нарушување на бројноста на сандаците – додаде тој.
Како што пчеларите очекуваат година со добри приноси со мед, исто така и граѓаните очекуваат да нема да има повисоки цени на медот, за да можат да си го купат овој важен продукт кој е неопходен за добро здравје во текот на годината.
З.А.