Често умееме да кажеме дека Македонија е убава земја што не умее да ги раскаже своите приказни доволно сликовито. Светските искуства на туризмот велат дека доколку не се направи видлива една средина и со своите локални приказни не се привлече вниманието, тогаш не можеме да зборуваме за туризам. Општина Кавадарци сериозно го сфати овој предизвик и три години работеше на проектот „Интегрирана програма за развој на туризмот во Кавадарци“, сакајќи да ја зголеми својата привлечност како туристичка дестинација на локално и регионално ниво. Овој потпроект е дел од активностите на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), финансиран со донација на Европската унија (ИПА 2).

Еден од начините за да се постигне таа цел беше поставувањето на електронските портали на трите главни влеза во Општина Кавадарци, односно кон Росоман, Неготино и Прилеп. Тие им нудат информации на патниците и посетителите за дневните, неделните или месечните настани што се одвиваат во градот, а се од туристички, едукативен или информативен карактер.

 

Исто така, прекрасното излетничко место Михајлово стана подостапно, благодарение на реконструкцијата на патниот правец во должина од 6,3 км до ова излетничко. Тоа придонесе да се зголеми бројот на изградени викенд-куќи што нудат приватни сместувачки капацитети, како и самоиницијативно континуирано да се организираат еднодневни или повеќедневни излети.

– Во изминатиот период беа реализирани голем број проекти од локални и национални здруженија на граѓани чија основна задача е подигнување на јавната свест кај населението за активна грижа на животната средина и биодиверзитетот во Михајлово.
Како градоначалник, но и како личност кој е недвосмислено поборник за зачувување на здрава животна средина, а со тоа и за анимирање на целокупното население како на Општина Кавадарци, така и на ниво на држава особено сум задоволен од досегашните резултати што ги постигна проектот. Овие резултати во иднина ми даваат дополнителна стимулација и мотивација својата енергија да ја насочам кон зголемени активности кои имаат за цел да ја позиционираат Општина Кавадарци како една од водечките развиени туристички општини во нашата земја – вели Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци.

Согледувајќи ги придобивките од реализација на тригодишниот проект, локалната самоуправа и советот на општината донесоа одлука за локална урбанистичка планска документација за уредување на просторот со намена Б-5, односно изградба на хотелски комплекс. Периодот во фаза на донесување се и одлуки за изградба на ски-патека во Михајлово, како и изградба на пристапна патека до ски-патеката.

Со реализација на горенаведените проекти во иднина излетничкото место Михајлово ќе прерасне во мини ски-центар, со што директно ќе придонесе за развојот на зимскиот и ски-туризмот во Тиквешкиот регион, додава кавадаречкиот градоначалник.
Придружни активности на проектот се: подобри услови за развој и промоција на фестивалскиот туризам, реконструкција на градски плоштад, модерен паркинг и фонтана, хортикултурно уредување заедно со детско игралиште и модерно осветлување.

Вкупниот буџет на овој проект чинеше 642.118 евра, од кои 539.268 евра ги обезбедија Европската Унија и Владата на Македонија, а Општина Кавадарци самата вложи 102.850 евра.

Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.

Сите успешни приказни од ПЛРК можат да се видат тука.