Битолски весник, денеска во Кристалната сала на Офицерскиот дом, со низа манифестации ќе го прослави својот јубилеј, 60 години од излегувањето на првиот број.
Пред точно 60 години, на 29 април, во далечната 1964 година, во предвечерјето на Празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.
По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор на 29 април 1964 година по иницијатива на тогашниот секретар на ОК ССРН, Битола Иван Гиновски и првиот главен и одговорен уредник на Весникот Владо Ласковски го издадоа првиот број на Битолски весник, кој оттогаш непрекинато излегува секоја среда, цели 60 години.
Битолски весник е единствениот локален весник во Македонија којшто успешно опстојува во медиумскиот простор на печатените медиуми во Македонија цели 60 години.
Весникот е хроничар на Битола и, како што велат битолчани, колективна меморија на градот под Пелистер. Тој редовно се печати на 16 страници, а повремено излегува и на зголемен број страници. Рекорд е печатењето на 100 страници во 2003 година по повод 100-годишнината од Илинденското востание.
Битолски весник, во сите изминати 60 години, се афирмирал и како организатор на значајни манифестации. Веќе 24 години со ред успешно ја организира манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“. Веќе 19 години ја доделува наградата за новинарство Тоде Петревски. Бил и е организатор и реализатор на бројни хуманитарни акции за лекување на битолчани во земјата и странство.
Битолски весник е добитник на многу признанија и дипломи, меѓу кои и највисокото признание на Битола, наградата 4 Ноември.
По повод големиот јубилеј, 60 години од излегувањето на првиот број, Битолски весник со група познати битолски пејачи подготви свечена песна, која денеска премиерно ќе биде промовирана, а во Кристалната сала на Офицерскиот дом е организирана Изложба на сите 59 годишни укоричени весници, од 1964 до крајот на 2023 год.
На свеченоста на Битолски весник на заслужн поединци, новинари, компании, институции кои се грижеле за опстанокот на Весникот ќе им бидат доделени плакети.