Фото: З.А.

До крајот на годинава во близина на превојот Барбарас, во месноста Полце, општина Македонски Брод, се очекува да биде предадена во употреба фабрика од областа на лесната и незагадувачка индустрија на полската компанија „Пулблуме“.

Градоначалникот на општина Македонски Брод ,Жарко Ристески е оптимист и очекува планираните рокови да се испочитуваат и до крајот на оваа календарска година да започне со работа најголемата странска инвестиција во општината.

– До крајот на оваа календарска година очекуваме да заврши изградбата на производствениот погон од областа на незагадувачката и лесна индустрија лоциран во месноста Полце, во близина на превојот Барбарас, на патот за Прилеп. Оваа фабрика почна со градба кон краот на 2021 година и по само две години очекуваме да ги прими првите стотина работници. На локацијата каде што е лоцирана оваа фабрика, веќе е изградена управната зграда, а во полн ек е и изградбата на двете производствени хали каде ќе се произведуваат чаури за муниција – истакна Ристески.

Тој очекува во наредниот период во оваа фабрика да бидат вработени околу 200 лица од општината и регионот, што во значителна мерка ќе придонесе да се намали иселувањето, кое во последните неколку години зема се поголем замав.

Ристески напомена дека покрај оваа странска инвестиција во полн ек е и изградбата на фотонапонски централи во Порече, кои ќе овозможат регионот во поголем дел од годината да се снабдува со електрична енергија од сопствени обновливи извори. З.А.