Фото: Локална самоуправа Прилеп
Со оддавање почит на паднатите борци во НОБ, градот првоборец, Прилеп, денеска го одбележува 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор.
По тој повод, претставници од Локалната самоуправа, од Советот, од АРМ,  политичките партии, Сојузот на борци од Прилеп, граѓани и граѓански здуженија,  положија свежо цвеќе пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифоски – Питу, Могилата на непобедените и на споменикот кај месноста Песјобрдце, каде пред 79 години се воделе борби за ослободувањето на градот.
– Во последните два дена од битките, Прилеп дал 78 жртви, херои на Народноослободителната војска на Македонија. Им благодариме за храброста, пожртвуваноста за извојување на слободата и за визијата што ја имале да бидиме свои на своето. Вечно ќе се сеќаваме на нив, но оставиме аманет за следните генерации да го почитуваат овој голем ден во чест на 3-ти Ноември 1944 година и на сите оние кои што ги положија животите за нашиот Прилеп – рече градоначалникот  Борче Јовечски.
Претседателот на Советот Дејан Проданоски истакна дека денес и претходните два дена градот прославува под мотото Прилеп – Херој, борец, хуманитарец.
Денеска се одржа ликовен хепенинг, а прославата продолжува вечерва, во 18 ч. кога во ЦК на култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Прилеп низ стари фотографии“. Манифестациите за одбележување на денот на градот завршуваат со  свечена седница на Советот на Општината во големата сала од Центарот, при што ќе бидат доделени наградите 3-ти Ноември.
Фото: Локална самоуправа Прилеп
Ка.М