Фото: З.А

Планинарско-еколошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево, викендов го организира вториот планинарски марш по повод 81 година од почетокот со работа на првото училиште на мајчин македонски јазик на слободна територија во село Подвис, кичевско.

На маршот учествуваа четириесетина планинари од градот домаќин Кичево, Прилеп, Битола и Скопје, кои се искачија на врвот Планиница на 1391 метар надморска височина, и од таму се упатија кон старата училишна зграда сместена на падините на планината Гољак.

Фото: З.А
Фото: З.А

Пред присутните планинари се обратија синот на првиот учител на ова училиште Добре Лазарески и претседателот на ПЕД „Ендорфин“ и научен соработник во Центарот за лингвистика во МАНУ, Давор Јанкулоски.

– Во првото училиште на македонски јазик настава посетуваа деца од повеќето села во опкружувањето на село Подвис, но за жал поради променетите состојби на терен ова училиште го доживеа својот предвремен крај и остана да се впише во поновата историја како прв образовен центар во земјава -истакна Лазарески, кој изнесе интересни историски факти, сподели и лични работи и спомени за работата и дејноста на својот татко Василко Ристески, првиот учител во НОВ во село Подвис.

Учесниците на маршот упатија апел до сите релевантни структури во земјата, ова училиште да го добие своето заслужено место од страна на државните институции, за урнатините да не останат последниот сведок за камен темелникот на образованието на македонски јазик уште пред формирањето на современата Македонска држава.

З.А