Фото: З.А.

Денес со пригодна програма беше одбележана 80-годишнината од првото ослободување на првоослободениот град во земјава Кичево. По интонирањето на националната химна, од страна на претставници на Сојузот на борците беше подигнато знамето на Кичевско-мавровскиот партизански одред, кое ќе остане на јарболот 21 ден, ист период колку што траеше и проослободената територија во времето на НОВ. Потоа присутните со пригоден говор ги поздрави претседателот на Сојузот на борците од Кичево, Владо Дејаноски.

-По капитулацијата на фашистичка Италија на 8 септември 1943 година, партизанските единици по жестока борба го ослободиле градот Кичево, со што станал првоослободен град на територија на Македонија. Тоа е настан кој заслужува да го чевствуваме,да се присетуваме и да го прославуваме а тоа очекуваме да го продолжат и помладите генерации. Слободната територија траела 21 ден се до 1-во октомври 1943 година, кога од правец на Гостивар започнала масовна офанзива кон слободната територија која била бранета од страна на партизаните на планината Буковиќ од малубројната но силно мотивирана чета на чело со народниот херој Мирко Милески – истакна меѓу другото Дејаноски и нагласи дека во тој период во градот бил одржан и општонароден митинг а во село Подвис било отворено и првото училиште во земјава на мајчин македонски јазик.

Одбележувањето продолжи со настап на КУД „Бисер“ Кичево а беше заокружено со полгање на букети свежо цвеќе на спомен костурницата на Китиното кале каде што се наоѓа и криптата со коските на 555 борци кои го положиле животот за слободата на Македонија. З.А.