Фото: Пекселс

Убиството на Андонис Кариотис од страна на членовите на екипажот на „Блу хоризон“ нѐ шокираше сите, никој не може да замисли дека грчките морнари, кршејќи ги вековните правила за заштита на човечкиот живот на море, турнаа и напуштија млад човек во матните води на пристаништето Пиреас, пишува министерот за поморство на Грција Милитиадис Варвициотис на почетокот на неговата објава на социјалните мрежи, соопштувајќи дека си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.

Оставката на Варвициотис доаѓа шест дена по трагичната смрт на 36-годишниот кој се удави откако беше турнат од членови на екипажот додека се качуваше на траектот за Крит.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, на денешниот редовен брифинг со новинарите, коментирајќи ја оставката на Варвициотис рече дека била „неизбежна и правилна“ и соопшти дека на негово место доаѓа Христос Стилианидис, поранешниот комесар во ЕУ и поранешен министер за цивилна заштита на Грција во претходната Влада на Мицотакис.

Ден по убиството на 36-годишниот, Варвициотис, во интервју за грчка телевизија рече дека од една страна се оние кои жалат по загинатиот, а од друга се „тие кои жалат за оние кои отидоа на работа, да донесат плата, а сега се обвинети за убиство“, изјава која предизвика силни реакции, по што следеше и извинување од министерот.

На социјалните мрежи Варвициотис денеска, објаснувајќи ги причините за оставката, меѓу другото напиша дека некои негови изјави во изминатиот период биле погрешно толкувани, дека не ги скрил одговорностите што ги има бродската компанија, но и дека во неговата политичка кариера научил да презема одговорност.

-Во политиката сум сите овие години затоа што длабоко во мене го имам чувството за придонес кон општеството и државата. На јавниот живот му служам со принципи и вредности. Имам научено да ги преземам своите одговорности и да не се кријам во тешките моменти. Можеби за некои сум добар политичар, за други не. Но, не прифаќам да ме каменуваат како човек. Мојот политички пат и моето лично достоинство налагаат да не останам на функцијата министер за поморство и островска политика. Затоа и поднесов оставка до премиерот – напиша Варвициотис.

За смртта на 36-годишниот, како што претходно објави МИА, притворени се капетанот и член на екипажот на траектот.