Фото: М.М.

Македонското научно друштво Битола одбележа 63 годишни од формирањето.
Годишнината од основањето на првото научно друштво во државата, која се одржа в Офицерскиот дом беше посветена на познатиот битолски писател и еден од најдобрите раскажувачи, Владимир Костов, кој почина на почетокот на годината.
-МНД било дом на секој квалитетен кадар и факт е дека Македонското научно друштво во Битола отсекогаш имало соработка и почитување од заедницата- вели претседателката на МНД Битола проф. д-р Невена Груевска.
-Владимир Костов беше осведочен критичар на општествениот систем, критичар на малограѓанштината, предрасудите, моралната криза и општата хопокризија. Владимир Костов во неговите бројни книжевни дела користејќи критика и иронија ги разоткрива патријархалните догми, а тоа јасно се гледа во ликот на Мара во делото „Свадбата на Мара” – истакна на трибината проф.д-р Анита Ангелевска.

Покрај д-р Анита Ангелевска за еминентниот битолски писател, Владимир Костов на трибината зборуваа и други реномирани професори, книжевници, и литературни критичари од Битола: Даниела Андоновска-Трајковска, Гордана Стојановска, Анита Ангелевска, Весна Мундишевска- Велјановска, Милица Радевска, Златко Жоглев, Александар Стерјовски, Петре Димовски, Добре Тодоровски и Живко Андреевски.
Секој од учесниците се обиде на интересен и непосреден начин да им долови на присутните различни аспекти од богатиот животен и книжевен опус на Костов.
Присутните на трибината имаа можност да слушнат извадоци од делата на Костов, „Црквичето“ и „Дива мисла“, во интерпретација на учениците Тамара Талевска и Андреа Триста од основното училиште „Даме Груев“- Битола, и Филип Здравески и Викторија Стојковска од средното општинско училиште „Јосип Броз Тито“ Битола. М.М.