Со градежна механизација и транспортни товарни возила низ и околу викенд-населбата Маркова чешма, денеска прилески „Комунелец“ исчисти и транспортира над 300 метри кубни отпад до депонијата во Алинци. На лице место во чистењето на дивите депонии пристигна и грдоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, кој најави дека Локалната самоуправа во соработка со јавното комунално претпријатие годинава,
мора да го решат проблемот со дивите депонии.

Според Јовчески, ќе воведат засилени инспекциски контроли за сузбивање на неконтролираното исфрлање на отпад, ќе се врши едукација на населението и поголема координација со сите чинители, со цел да се овозможи чиста и здрава животна средина на населението од општината.

В.д. директорот Рубинчо Абрашоски на средбата со жители од викенд населбата и пред новинарите, ги повика граѓаните на соработка со цел да помогнат во заложбите на „Комуналец“, кој несебично изминативе два месеци работи на чистење на дивите депонии.

– Во изминатиот период од моето назначување, досега успеавме да исчистиме
1.050 метри кубни отпад од над десетина диви депонии, при што е депониран во депонијата Алинци. И оваа еколошка акција е една од поголемите каде во два дена успеавме да исчистиме голем број на диви депонии во и околу викенд населбата Маркова чешма.

– „Комуналец“ при чистењето на дивите депонии троши огромни финасиски средства заради тоа што се работи на терен со градежна механизација, и транспортни товарни
возила, при тоа користеќи и работна рака. Затоа, ги замолувам граѓаните да соработуваат со комуналното претпријатие и службите, да се информираат за секоја поголема количина на отпад, каде, како и кога треба да се одложи, за да не доаѓаме
во ситуација беспотребно да трошиме за чистење на диви депонии, наместо тие
финасиски средства да ги искористиме во општи добра за сите граѓани од Општина
Прилеп – рече в.д. директорот Рубинчо Абрашоски.

Јавното претпријатие „Комуналец“, и нареднава недела ќе продолжи со чистење на дивите депонии по приоритет и по зацртан оперативен план. Сепак, останува на граѓаните, но и на услужните дејности да соработуваат со комуналното претпријатие, и секој вид на отпад да се предава на комуналните работници, наместо неконтролирано да се исфрла во околината на градот и населените места.

Овој вид на отпад и без оглед на количините го собира бесплатно јавното претпријатие од домаќинствата, освен градежниот шут за кој се врши наплата. Ка.М.