Фото: З.А.

Кичевскиот оџачар Џули Рахмани периодов е најбараниот човек во градот и околината, затоа што е единствениот кој се занимава со оваа работа по смртта на неговиот постар колега Алија и поради периодот кога започнува грејната сезона во која граѓаните мораат да имаат чисти оџаци за добро затоплување на домовите.

– Од втората половина на август до средината на декември има работа на претек и чинам дека во овој период сум најбараниот човек во градот. Граѓаните претежно ме бараат уште истиот ден кога ќе наидат на проблеми со оџакот и инсистираат уште веднаш да ја завршам работата, но преголемите обврски кои секојдневно ги имам не ми дозволуваат на сите истиот ден да им го средам оџакот. Да бидам искрен и јас би сакал што побргу на сите да им ја завршам работата и сите да бидат задоволни и да имаат топли домови. Впрочем и мене ми одговара да ја завршам работата во деновите кога нема дожд или снег, поради помала лизгавост на покривите и поголема лична безбедност при работата – вели Рахмани.

Покрај во Кичево и околните села, тој се прочул и многу подалеку и често го бараат жители на Македонски Брод , Пласница и останатите подалечни села.

– Последните години ме бараат и граѓани од општините Пласница и Македонски Брод и секојдневно добивам дваесетина повици од граѓани од регионот, но тешко е навистина во еден ден да се одговори на сите повици и затоа е препорачливо луѓето да бидат трпеливи и да очекуваат дека и кај нив час поскоро ќе се заврши работата – додава оџачарот и потенцира дека интересот за занимавање со овој занает речиси и да не постои.

– Интересот за овој занает речиси е никаков и прашање е кој ќе ме наследи кога ќе остарам и ќе не можам да се качувам по стрмните покриви – заклучува мајстор Џули. З.А.