Фото: З.А.

Покрај капиталните проекти кои во моментов се реализираат во Кичево, а тоа се градскиот плоштад и улицата „Борис Кидрич“, ново бетонско корито во должина од околу 500 метри добива и каналот Иванидол, во непосредна близина ОУ „К.Ј.Питу“. Средствата за реализација на овој проект ги обезбеди ЕЛС Кичево и ако дозволи времето проектот ќе биде целосно реализиран до крајот на месецов.

– Каналот Иванидол во должина од околу 500 метри ќе биде целосно регулиран со изградба на бетонско корито, кое ќе обезбеди и во периоди на зголемени врнежи на дожд или снег да нема негово излевање. Коритото на каналот се реализира со проект на општина Кичево кој ќе биде завршен во наредните триесетина дена, ако тоа го дозволат временските услови. Во рамките на овој проект покрај регулација на дел од каналот Иванидол, во негова непосредна близина ќе бидат изградени пензионерско и детско катче, со поставување урбана опрема клупи и канти за сите комунален отпад, а ќе биде изградено и детско катче со разни реквизити и целиот простор ќе добие далеку поубав изглед – истакна Зенел Јонузи.

Јонузи потсети дека главен изведувач на работите на овој проект е локалната градежна компанија „Линди“, чии вработени секојдневно со забрзан ритам го реализираат овој проект. З.А.