Пожарот што вчера во попладневните часови избувна на дивата депонија лоцирана во поранешните производни погони на керамичкиот комбинат „Вранештица“ е изгаснат. Состојбата будно се следи за да не дојде до реактивирање на овој пожар, бидејќи се работи за наталожени големи количества секаков вид отпад. Во гасењето на пожарот ТППЕ Кичево учествуваше со три возила и 25 пожарникари, или во гасењето беа вклучени сите можни ресурси со кои располага кичевската единица, потврди командирот Горан Соколески.
– За целосно да биде изгаснат пожарот што вчера избувна на дивата градска депонија, ТППЕ Кичево дејствуваше со сите можни ресурси. Во гасењето на пожарот ги вклучивме трите противпожарни возила со кои располагаме и 25 пожарникари кои останаа на местото на пожарот во текот на целата ноќ за да не дојде до негово реактивирање. И во овој момент наши екипи се наоѓаат на терен и будно ја следат состојбата со опожарената дива депонија. Бидејќи се работи за огромна количина секаков вид отпад, никогаш не можете во целост да бидете сигурни дали пожарот нема повторно да букне од длабинскиот дел на депонијата – вели командирот Соколески.
Соколески нагласи дека краткотрајниот дожд бил недоволен да помогне во гасењето на пожарот.
З.А.