Надежите на граѓаните на Кичево и регионот дека со доаѓањето на летото ќе се намалуваат цените на овошјето и зеленчукот не се остварија. Токму висината на цените ги примора потрошувачите од овој град, од зелениот пазар да се враќаат дома со помали количества овошје и зеленчук или со целосно празни торби разочарани од висината на цените и нивната непристапност. Тоа го потврдија и повеќемина купувачи на кичевскиот зелен пазар кои се враќаат дома со по неколу домати и краставици и без останатите намирници кои редовно ги користат.
– Досега не се памети цените на кичевскиот зелен пазар да биле толку високи во овој период како годинава. Ако се има во предвид дека доматите се продаваат по цена од 80 – 90 денари, кајсиите околу 100 денари, зелените пиперки од 80 до 100 денари, нектаринките стотина денари, тогаш е повеќе од јасно дека граѓаните со поплиток џеб сакале или не ќе мора да пазарат во помали количини или да се вратат дома без планираното овошје и зеленчук. Цените на зелениот пазар се толку високи и по многу нешто наликуваат на цени од некое туристичко место, а не во град каде животниот стандард на граѓаните не е толку висок – вели Драге Стојаноски, постар жител на градот.
Продавачите на овошје и зеленчук високите цени на зелениот пазар ги правдаат со високите цени по кои ги набавуваат производите кои ги пласираат низ државата.
– Свесни сме дека малопродажните цени на овошјето и зеленчукот се многу високи, но ако се има во предвид набавната цена која е многу висока, тогаш ни преостанува со помала заработка да ги пласираме набавените производи. Згора на тоа понудата е се помала и немаме голем избор за набавка на стока. Сепак со доаѓањето на печалбарите од Кичево и нешто повисоките цени ќе бидат прифатливи за овие луѓе, а ние очекуваме да ги пласираме планираните количества на овошје и зеленчук како во претходните години и децении – вели Живко Павлов, редовен продавач на кичевскиот зелен пазар.
Купувачите се прашуваат дали и локалните производители ќе тргнат по стапките на тезгаџиите и своите произвиди ќе ги пласираат по далеку повисоки цени.
З.А