Како одминуваат годините така бројот на цепачите на дрва во Кичево е се помал, а и тие што ја работат оваа работа од година во година ги зголемуваат тарифите. Преостанатите цепачи се и премногу ангажирани, и како што самите велат не может да одговорат на сите барања на граѓаните за толку кратко време, но и тие се подостарени и со помал капацитет за потешка физичка работа. Цените за цепење и редење дрва се повисоки од лани и се движат од 200 до 300 денари за кубик дрва.
– Секоја година забележувам како сè повеќе и повеќе граѓани не бараат да им ги средиме дрвата за огрев а причина е нивната возраст која им оневозможува самите да си ја завршат работата. Повеќето од тие луѓе се пензионери или лица што живеат сами и единствена можност да ја дочекаат зимата во топли простории е со наш ангажман да ги средат дрвата за огрев. Се помалубројни се лицата кои сакаат да се занимаваат со оваа тешка работа – вели Адем Селоски, кој долги години се занимава со оваа дејност.
Тој се занимава со цепење на дрва и други физички работи, само за да обезбеди средства за живот на своето семејство.
-Како одминуваат годините се повеќе не бараат, иако и нам ни е се потешко да одговориме на сите обврски, бидејќи цепењето на дрва е тешка физичка работа и прашање на време е до кога ќе можеме да работиме со овој интензитет и да одговориме на потребите на нашите сограѓани – вели Владо Митрески.
Граѓаните се задоволни од можноста да ангажираат работници за цепење на дрва, бидејќи нивното време за физичка работа од поодамна е минато.
-Добро е што ги има, затоа што без нив не сме во можност сами да ги средиме дрвата. Како што ние старееме и ја губиме силата, така и потребата од овие луѓе е поголема – вели Митко Петкоски, постар жител на градот.