Фото: Министерство за култура

Елисавета и Оливер се невестата и младоженецот на годинешната „Галичка свадба“

Оливер Андреевски и Елисавета Булоска се годинешните зет и невеста на јубилејното 60-то издание на манифестацијата „Галичка свадба“, која ќе се одржи од 14 до 16 јули.

– Во Галичник почна нашата љубов со Оливер и драго ми е што ќе ја овековечиме таму. И многу сме среќни и тука сме еден за друг да се поддржиме – рече Елисавета.

Потекло од Галичник има Оливер.

– Јас имам потекло од Галичник, невестата има потекло од Охрид. Веќе пет години се знаеме и цело време ѝ зборувам за Галичник. И така се одлучивме да се пријавиме да учествуваме и со голема желба, љубов и почит кон нашите предци да учествуваме на свадбата заедно со нашите семејства и да се венчаме токму во Галичник со сите обичаи – рече Оливер.

Ана Сариевска неколкугодишна режисерка на „Галичката свадба“, која се грижи за координација и за реализација за свадбениот обред, рече дека повеќе од 20 години е учесник на „Галичката свадба“. Десет години во нејзина организација, а круна на нејзиното учество во оваа претстава под отворено небо било кога во 2014 година била невеста на „Галичката свадба“.

– Потекнувам од семејство кое било основоположник на „Галичката свадба“, учев од нив. Тоа беше една генерација луѓе што беа родени, живееја таму. Плашејќи се да не згасне традицијата, тие ни ја оставија во аманет Галичката свадба. Мојата задача е да координирам околу 250 луѓе, кои се техничка поддршка, плус гостите на свадбата – раскажа Сариевска.

Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, рече ова е време кога се слават љубовта, семејството и заедницата.

– 60 години традиција, радост за враќање дома во родниот крај и 60 години Галичка свадба. Историски мост помеѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современост. Галичка свадба е повеќе од еден обичен настан, таа претставува вистинско патување низ времето, волшебен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите и ги чуваме со голема почит – рече Костадиновска-Стојчевска.

Во програмата за Галичка свадба предвиден е целовечерен концерт на „Фолтин“, кој ќе се одржи на 14 јули, а в сабота доцна попладне почнуваат сите обичаи поврзани со „Галичката свадба“. За време на Галичката свадба во Галичник ќе има и сообраќаен режим.

Покровител на манифестацијата „Галичка свадба“ е претседателот на државата Стево Пендаровски, кој по татко е Галичанец.