Завршија градежните работи на топловодот од РЕК Битола до Битола и веќе започнуваат активностите за изградба на топловодната мрежа во самиот град, истакна премиерот Димитар Ковачевски за време на денешниот престој во Битола, во градот во кој како што рече e енергетската иднина на државата.
Според премиерот Ковачевски, проект топлификација на Битола, по своето значење и големина се вбројува во рангот на изграбата на РЕК Битола, на Стрежево и други капитални објекти кои суштински го промениле и го менуваат животот во градот.
-Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската KFW банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ и ќе донесе бројни придобивки кои ќе ги почувствуваат сите граѓаните на Битола. Согласно планот, најпрвин, ќе бидат приклучени 35 државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, спортската сала, објекти кои загадуваат и кои многу трошат за згревање, а потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година – истакна Ковачевски.
Трасата на топловодот минува и низ општините Новаци и Могила, две рурални општини на кои ќе им се овозми загревање на земјоделски оранжерии и објекти, а со тоа и поддршка на развојот на земјоделството во овој крај.
-Овој проект кој е од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила е еколошки. Претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, што е недозволиво, а ние и тоа го решивме, и сега ќе има потстаница на природен гас со оглед на тоа што ја поврзавме Битола со комплетното гасно поврзување до цевководот во Жидилово. Решена е и најголемата дилема за долгорочноста на топловодот. Со последните измени на проектот, направени пред да отпочне неговата реализација, обезбедивме иднина на топлификацијата, без разлика од каков ресурс РЕК Битола ќе произведува електрична енергија, истакна Ковачевски и додаде дека владата соработува со еден од најголемите американски гиганти со цел ставање во функција на гасна електрана која ќе замени еден од постојните термоблокови. -Овие проекти се изработуваат благодарение на техничката помош што ја добиваме од меѓународните финансиски институции ЕБРД и KFW банката од Германија, на кои сме им благодарни што ја подржуваат енергетската транзиција во Македонија, нагласи претседателот на македонската влада Димитар Ковачевски.
Како што е познато, воведувањето на централен топлификациски систем за градот и неговата околина е идеја која се провлекувала со децении, истакна на денешниот промотивен настан во Битола, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов.
-Битолчани ќе добијат топлинска енергија, а со тоа и еколошки чист и високо конфорен начин на загревање на институциите, деловните субјекти и домовите. Со имплементација на овој проект, со користење на топлинска енергија за греење ќе се намали користењето на електричната енергија, мазут, огревно дрво, нафта и друго, а ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електричната енергија. Еколошките придобивки од топлификација се огромни, а со воведување на овој вид греење ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми енергетската ефикасност – рече Стефанов.
Проектот топлификација и досега реализираното се смета за празнична честитка до градот Битола, кој утре го одбележува 4 ноември, денот на ослободувањето.
-Во следните 18 месеци, низ Битола е предвидено да бидат изградени 10,5 километри топловод, а за градежните активности граѓаните ќе бидат благовремено известени. Задоволен сум и благодарен за досегашната соработка со Општина Битола и локалните јавни претпријатија и очекува тоа и понатаму да продолжи до целосно завршување на топловодот – истакна директорот на ДООЕЛ „Топлификација“-Битола, Горан Козаров.
М.М