КИЧЕВО

Сточарите во земјава се во исклучително незавидна положба, бидејќи сѐ уште не им се исплатени субвенциите за минатата година, а сопствениците на матични стада овци се жалат и на ниската откупна цена на јагнињата, која се движи од 135 до 145 денари килограм жива мера, што ни оддалеку не ги задоволува нивните барања.
– Од година на година состојбата за нас сточарите во земјава е сѐ потешка и потешка. Така, изминува и првиот квартал од годинава, а сѐ уште не се исплатени субвенциите за лани, кои изнесуваат 1.000 денари за овца и 1.800 денари за женско јагне. Откупот на годинашното јагне е во полн ек и традиционално јагнињата од нашиот регион се меѓу најбараните и најценети на италијанскиот пазар, од каде што доаѓаат најмногу купувачи, особено од градот Неапол. Откупната цена на годинашното јагне е пониска од онаа од пред три месеци, кога за килограм жива мера се плаќаа од 170 до 180 денари, а сега во екот на откупот и пред католичкиот Велигден цената се движи од 135 до најмногу 145 денари, која е нешто повисока споредено со ланската цена, која изнесуваше 120 денари – вели Ајрадин Бајрами, сточар од Кичевско.
Бајрами апелира до надлежните да ја забрзаат исплатата на субвенциите бидејќи поголемиот број сопственици на матични стада овци се на границата на опстанокот и доцнењето на овие субвенции уште повеќе им ја влошува состојбата на сточарите да продолжат во оваа гранка.

– Зимава нашите приходи се речиси никакви и упатуваме уште еден апел до Владата што поскоро да ги исплати субвенциите за минатата година. Во изминатите неколку месеци имавме зголемени трошоци во работењето, бидејќи овците беа во екот на јагнење кога издатоците за храна и, пред сѐ крма, се поголеми. Без овие пари нашиот опстанок ќе биде многу неизвесен – додава Бајрами.
Со слични проблеми се соочуваат и другите сточари во регионот со кои разговаравме претходните денови, кои исто така апелираат што поредовно да се исплаќаат субвенциите за да можат што понормално да функционираат.
– Нашата работа е секогаш поврзана со голема неизвесност. Така и годинава сѐ уште ги немаме добиено субвенциите за лани, а ние во меѓувреме сме направиле големи трошоци за набавка на кабеста и зрнеста храна за крма, додека приходите ни се еднакви на нула. Ако беа исплатени субвенциите, сега ќе бевме многу порелаксирани пред откупот на јагнињата. За да се развива нормално оваа гранка, државата треба навремено да ги сервисира своите обврски – порача Мефаил Ајрадини, сточар од Кичевско.