Фото: Зоран Антоски

Со средства обезбедени од Општина Кичево, локалното комунално претпријатие деновиве го започна пролетното обележување на градските улици. Хоризонтална сигнализација се поставува на сите сообраќајници во градот, што секако ќе помогне за поголема безбедност на пешаците и непречено одвивање на сообраќајот.

Во одвивањето на оваа операција секако ќе помогне и полицискиот чад, бидејќи фрекфенцијата на возила во текот на ноќта речиси ја нема, а тоа секако им оди во прилог на вработените од ЈКП„ Комуналец“ да работат без застој.

– Откако пред неколку години комплетно се екипиравме за поставување на хоризонтална сигнализација на сообраќајниците во нашиот град, во текот на годината во два наврати редовно вршиме поставување на оваа сигнализација. Деновиве сме во интензивна кампања, за да ја искористиме и малата фрекфенција на возила во градот поради полицискиот час, што во голема мера ни помогна непречено да ја завршиме оваа работа. Поставувањето на хоризонталната сигнализација е од исклучителна важност за пешаците, кои многу побезбедно поради јасно видливата сигнализација можат да се движат и да преминуваат преку улиците, а во исто време сообраќајот да се одвива без застои и потешкотии. Ако нема врнежи од дожд, за неколку дена треба да ја завршиме оваа операција – истакнаа од комуналното претпријатие.

Така, во овој период Кичево покрај чисти улици, ќе добие и нова хоризонтална сигнализација.