Локалните власти за новогодишното украсување за дочекот на 2019 година потрошиле околу 615 илјади евра, што е за 30 проценти повеќе од претходната година, покажува анализата направена од Центарот за граѓански комуникации.

За разлика од 2017 година кога улиците и плоштадите за Новата година ги краселе Град Скопје и 18 општини во вкупна вредност од 474 илјади евра, за дочекот на 2019 година тендери за украсување спровеле 26 општини и Град Скопје.

Околу 55 проценти од парите за новогодишно украсување се потрошени во Скопје и тоа од страна на општините Карпош, Аеродром, Чаир, Гази Баба, Бутел и Шуто Оризари. Само Град Скопје потрошил околу 260 илјади евра, што е за 33 проценти повеќе од 2017 година.

Според податоците од анализата, најголем дел од парите завршиле кај скопската фирма „Линк Медиа Плус“, што за два склучени договори со Град Скопје и со Општина Струмица добила над 300 илјади евра, а најмногу договори, вкупно 11 во вкупна вредност од 185 илјади евра, биле склучени со фирмата „Метал-Вет-Ел“ од Скопје. Договори со „Метал-Вет-Ел“ склучиле скопската Општина Аеродром, Охрид, Куманово, Чаир, Радовиш и Гевгелија.

Во пресметката на трошоците за новогодишно украсување се вклучени тендерите на 27 единици на локалната самоуправа.

Базата на податоци дава преглед на трошоците за новогодишно украсување во период од четири години и овозможува споредба дали одредена општина го зголемила или намалила овој трошок. Базата на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Јавно трошење за јавно добро“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта е да се зголеми ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.