Конституиран е новиот Совет во општина Прилеп. За претседател со мнозинство гласови е избран Дејан Проданоски, според кого претседателската функција е можност да се придонесе во развојот на општина Прилеп.
Проданоски истакна дека преземањето на обврските, односно позицијата претседател на Совет или прв меѓу еднаквите, ќе ја исполнува во целост и дека довербата која им е дадена од граѓаните ќе ја оправдаат со конструктивна работа, сериозни предлози и добри одлуки во интерес на сите граѓани.
– Ветувам дека како претседател на Советот ќе ги запазиме сите законски прописи, ќе работиме согласно Статутот на општина Прилеп и Деловникот за работа. Седниците на Советот онака како што ветивме во предизборието ќе бидат отворени за сите граѓани и ќе бидат дадени на пошироката јавност за да бидат следени во живо. Тоа ни е предизборно ветување и јас ќе се заложам како претседател на Совет тоа да се случи – истакна претседателот на Советот, Дејан Проданоски.
Тој додаде дека овој советнички состав ќе биде запишан во историјата на нашиот град, како еден од најуспешните Совети кои донесле најдобри и најконструктивни одлуки во интерес на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и подобрување на условите во градот.
На свечената конститутивна седница покрај градоначалникот Борче Јовчески присуствуваа и претставници од законодавниот дом, Собранието на Македонија, Македонската православна црква и голем број граѓани.
Градоначалникот Јовчески им го честиташе мандатот на новите советници и им порача дека ќе работат во интерес на сите граѓани.
– Сигурен сум дека со меѓусебна соработка во иднина ќе имаме само успеси и сите заеднички ќе работиме во интерес на граѓаните – порача градоначалникот.
Ка.М.