Негорските бањи се подготвуваат наскоро да го реализираат веќе изготвениот проект за изградба на модерен спа центар, потврдија од менаџментот на компанијата која деновиве проектот официјално го презентираше и во просториите на општина Гевгелија.

Вакви спа центри има на повеќе локации во општина Гевгелија, но во Негорските бањи каде се наоѓаат и најголемите наоѓалишта на геотермална вода изостануваат.

-Нашите два извора во Негорци и Смоквица располагаат со 280 литри геотермална вода во секунда и дополнителни 200 литри во секунда како резерва од кои топлинската енергија порано се користеше за затоплување на оранжериите на некогашниот ЗИК „Винојуг“, а сега се користат само во бањскиот дел и за затоплување на хотелските капацитети- велат од менаџментот на Негорските бањи.

Бидејќи најголемиот дел од геотермалните води и топлинската енергија остануваат неискористени, од менаџментот на компанијата посочија дека одлучиле да ги следат светските искуства кои покажуваат дека токму спа туризмот претставува мошне профитабилна туристичка дејност во последните децении, поради што и тие одлучиле да се прилагодуваат на тој тренд.

-Модерните бањски капацитети во развиените европски земји повеќе не се приоритетно насочени кон барање клиентела за лекување на ревматски болести,туку на туристи за забава и рекреација на што наскоро ќе се приклучиме и ние- велат од Негорските бањи.