ГЕВГЕЛИЈА

Петте ученици, кои од страна на наставничките совети при гевгелиските основни училишта се прогласени за првенци на генерацијата, за учебната 2020/21 година, беа на прием кај градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.

Традиционално, градоначалникот им оддаде признание за нивниот континуиран одличен успех и постигнатите резултати во текот на основното образование. Исто така, Поцков им ги додели решенијата за парични награди во износ од пет илјади денари на Ивана Грујиќ од ООУ „Владо Кантарџиев“ – Гевгелија, Живко Узунов од ООУ „Ристо Шуклев“ – Негорци, Зорица Геровска од ООУ „Климент Охридски“ – Миравци и на Радмила Зашева, ученичка во класата по флејта во ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија. Од оправдани причини, првенецот на генерацијата од ООУ „Крсте Мисирков“ – Гевгелија, Јована Ѓореска, не беше во можност да присуствува на приемот.

Поцков им го честиташе признанието, посакувајќи им уште многу успеси во понатамошното школување, кои ќе ги доведат до остварување на желбата – да бидат она што сакаат на професионален план.
– Вашиот избор за упис во средното образование нека биде рационален, со јасна визија и силна волја за напредување и постигнување на она што го планирате. Се надевам дека еден ден кога ќе завршите со школувањето, ќе се вратите во вашиот роден град, придонесувајќи со вашето работење и дејствување во општествениот живот за неговиот развој – истакна градоначалникот.

Инаку, во разговорот, Јована, Ивана и Радмила истакнаа дека своето школување ќе го продолжат во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, Живко во Средното медицинско училиште во Штип, додека Зорица во приватното средно училиште САБА – Скопје.