По примерот на запад и во Македонија е отворен првиот хотел за домашни миленичиња. Сопственик на првиот хотел е Ѓорѓија Нестороски, ветеринарен техничар од Кичево, кој на овој начин сака да ги промени навиките на граѓаните на Кичево, да имаат хуман третман кон кучињата скитници, незгрижените мачки и птиците.
Овој хотел е само преодна фаза за сите домашни миленичиња, кои тука ќе бидат прифатени, прегледани, вакцинирани и нахранети и истите потоа ќе бидат префрлени во новоизградениот стационар кој ќе биде отворен до крајот на годината.
-За да ги тргнеме кучињата скитници од улица и тие повеќе да не претставуваат закана за недолжните граѓани, во нашиот град го отворивме првиот хотел за домашни миленичиња, каде за почеток веќе се згрижени поголем број кучиња и мачки. Во овој хотел привремен престој ќе најдат сите домашни миленици, каде најпрво ќе бидат прегледани и ќе бидат вакцинирани, а по отворањето на стационарот трајно ќе бидат згрижени во ново адаптираниот објект. Во овој хотел во една симбиоза живеат кучиња и мачки и ако некој има домашен миленик, а има обврски надвор од градот, привремен престој за своето милениче може да обезбеди во нашиот хотел. Се надевам дека по нашите стапки ќе тргнат и други граѓани и ова ќе биде практика за идните генерации-вели сопственикот на хотелот.
Нестороски додава дека во хотелот можат да бидат прифатени само кучиња кои веќе имаат идентификациски броеви, за да може да се евидентираат и да се знае нивниот број, а со отворањето на стационарот ќе бидат повлечени од улица и оние кучиња кои немаат чипови и кои во градот се донесени есенва, бидејќи се работи за многу крупни единки кои не наликуваат на уличните кучиња.
З.А.