Висока делегација на бугарското министерство за образование и наука,
предводена од министерот Красимир Влчев, денеска одржа работна средба со
градоначалничката на Битола, Наташа Петровска и претставници од образовниот сектор на Општината.

Во фокусот на разговорите беше образовниот процес и начинот на приближување и натамошна соработка на двете земји на ова поле.

– На работната средба разговаравме како можеме со помош на Република
Бугарија да имаме соработка по сите нивоа. Соработката треба да биде од програмски концепт, од аспект на размена на наставен кадар, на нивните искуства, но и можност на учениците да флуктуираат од двете страни на границата, размена на искуства кои што ќе отворат нови перспективи.
Исто така, тука е и искуството кое што го има Република Бугарија во однос на
искористувањето на европските фондови, кое за нас е многу значајно и претставува поле во кое можеме сериозно да соработуваме, истакна по средбата градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Бугарскиот министер Красимир Влчев истакна дека општините се основен партнер во системот на образованието во двете земји. Голем дел од основните и средните училишта, но и факултетските единици во двете земји се партнерски поврзани.

-Ние имаме добро односи кои што ќе се развиваат и во иднина. Перпсективата помеѓу Северна Македонија и Бугарија, но и за целиот Балкански полуостров, е истиот да биде повеќе поврзан. Тоа значи да бидеме повеќе поврзани во секој сектор, во секоја област. Општините се основен партнер во системот на образованието во двете земји. Голем дел од основните и средните училишта, но и факултетските единици во двете земји се партнерски поврзани. Она што треба ние, како лица од власта да направиме, е да создадеме можност за општи програми на факултетите, за да може тие да бидат поврзани во универзитетски мрежи, кои ќе бидат и дел од европските универзитетски мрежи, во кои ќе
членуваат и земји што не се дел од ЕУ- рече министерот Красимир Влчев.

М.М.