Фото: ДЗС

Пожарот кај селото Чаниште во Мариово сè уште е активен и е проширен во неколку краци. Во справувањето со огнената стихија се мобилизирани противпожарни екипи, но и припадници на Армијата.

Огнот зафаќа поголема површина од подрачјето кај село Чаниште кон Крушевица и Лопатица, како и кон реката Црна. Станува збор за еден од најголемите пожари досега, во чие гаснење се вклучени повеќе пожарникари, месното население, Дирекцијата за заштита и спасување и други надлежни институции.

За состојбата со пожарот синоќа се дебатираше на вонредна седница на Советот на Општина Прилеп. На седницата беше усвоен итен извештај од градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, во својство на командант на Општинскиот кризен штаб, за преземените мерки, моменталната состојба со пожарите, како и расположливоста на човечките и материјалните ресурси.

Во рамки на преземените мерки е извршена мобилизација на општинските ресурси. Советот даде целосна поддршка за ставање на располагање на целокупната расположлива тешка механизација, опрема и човечки ресурси од јавните претпријатија – ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Водовод и канализација“ и ЈП за ПУП Прилеп – како директна логистичка поддршка на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп.

Обезбедена е и финансиска и логистичка поддршка, односно во рамките на постојните договори на Општина Прилеп се обезбедуваат гориво за механизацијата, како и храна и вода за пиење за сите ангажирани лица и екипи на терен.

Предвидена е и координација со полицијата и спроведување на соодветни безбедносни мерки. Советот ја прифати информацијата од МВР – Полициската станица Прилеп за ангажирањето на полициските службеници на терен, вклучително и сообраќајни патроли, обезбедување и евентуална евакуација на населението.

Од Советот велат дека постои очекување надлежните органи во најкраток рок да ги утврдат можните сторители и, со помош на граничната полиција, да поднесат соодветни пријави.

Во меѓувреме, состојбата на теренот се следи континуирано. Досега се зафатени околу 32 хектари, претежно пасишта и неуредена шума, со можност за дополнителни увидни проверки во правец на Маргара и Крушевица.

Се врши и институционална координација, а од Општина Прилеп е упатен апел до Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за поактивно теренско присуство, директна координација и дополнителна помош во ресурси.

Од Општина Прилеп потсетуваат дека граѓаните можат да ја користат телефонската линија 112 за пријавување вонредни состојби.

Ка.