Илустрација / Фото: МИА

Дојави за поставени бомби простигнале утринава на електронските адреси на неколку училишта во Скопје, Тетово, Прилеп и Битола, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во СВР Битола, СВР Скопје и СВР Тетово досега e пријавено дека на електронските адреси на училишта во Битола (едно училиште), Тетово (две училишта) и Скопје (седум училишта) е упатена закана за поставена експлозивна направа

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Околу 10 часот и 30 минути во три прилепски училишта по електронска пошта добиле известување дека во нивните објекти е поставена експлозивна направа, јави дописникот на „Нова Македонија„ од овој град. Според СВР Битола вакви известувања добиле најпрво ОУ „ Добре Јованоски“, потоа „Гоце Делчев“ и „Блаже Конески“.

Од СВР Битола велат дека веднаш по информирањето на полицијата е постапено по пријавите.
– Учениците безбедно се евакуирани и се прават проверки во моментот – велат од СВР Битола.