Поголем број пациенти повредени во сообраќајни незгоди се примени во изминатиот период на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, меѓу кои и околу петмина мотоциклисти со тешки повреди, информираше директорот д-р Игор Мерџановски, пренесе МИА.
На Клиниката се регистрирани и повеќе случаи на колапс предизвикан од високите температури. Мерџановски посочи дека меѓу пациентите има и градежни работници кои паднале поради жештините, како и лица кои колабирале додека управувале возило.
-Имаме пациент кој учествувал во сообраќајна незгода откако поради високите температури колабирал, изгубил свест и удрил во друго возило. И тој пациент беше опериран – изјави Мерџановски.
Тој посочи дека особено кај повозрасните лица се регистрирани падови со различни скршеници, кои во дел од случаите бараат оперативно лекување.
Мерџановски апелираше граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 или 18 часот, и да внесуваат доволно течности.

































