Фото: Макфакс

Постапката за екстрадација на Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски започна вчера, откако Министерството за правда побара од надлежните турски власти тој да биде задржан во притвор сѐ до завршување на постапката. Тој во вторникот беше уапсен во Турција, а останатите четворица осомничени, кои претходно беа приведени, веќе се во 30 дневен притвор.

Во 48-часовен притвор е и возачот кој се сомничи дека му помогнал на Палевски да пребегне во Турција, а вчера на распит во полициска станица беше и адвокатот Васко Стојков, со кого Палевски заминал во Белград.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември. За нивното убиство, покрај Палевски, се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината. Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого Обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата.

Според Обвинителството, Палевски, Манев, Кешишов и Видевски, четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен, таткото на Вања, им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.

Основното јавно обвинителство Скопје вчера го изготви Барањето за екстрадиција на Палевски од Турција.

Министерството за правда претходно информираше дека постапката за екстрадиција е започната и дека побарале од надлежните турски власти Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршување на постапката. Во неа, како што појаснија од Министерството, треба да ги примат списите, да се изготви барање за екстрадиција и сите документи да се преведат на турски јазик, (ОЈО ги преведува своите, а Министерството за правда барањето за екстрадиција), по што барањето се праќа по ДХЛ (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).

Во меѓувреме на социјалните мрежи е креирана и група, која во моментот брои над 100 членови, која бара правда за Палчо.

Во групата насловена како „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панчо, правда за Македонија“, членовите изнесуваат теории на заговор дека случајот е монтиран, со цел Палчо да се тргне од политичката сцена. Во нивните теории на заговор, радикалните десничари сметаат дека случајот е смислен од УДБА, ЦИА и НАТО за „заплашување на македонскиот порив за родољубие и за одбрана на канонската чистина на православието“.

Министерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата на која го обелодени апсењето на првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо во Турција во вторник истакна дека мирот и стабилноста во државата никој не може да ги загрозува и дека партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана.

– Вакво криминално гнездо како што е направено, мора да се разбие до крај. И такви политички партии кои со, не знам какви проминенции тоа го прават, како што е оваа, таа мора да биде дерегистрирана – рече Спасовски.

Шефот на државата Стево Пендаровски вчера истакна дека водењето на политика, која поттикнува етничка омраза е опасно, особено за мултиетничка држава како Северна Македонија, а особено лоша пракса е на трагедиите, како последната со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски да им се дава етничка конотација и на жртвите, но и на сторителите.

На маргините на Отворениот форум за антикорупција, одговарајќи на новинарски прашања да даде порака до јавноста, Пендаровски рече дека станува збор за трагедија во која животот го губат двајца наши сограѓани, а за оние кои шират говор на омраза и поттикнуваат етничка толеранција рече дека апелите не допираат до нивната свест и оти е потребно правната држава да ги преземе неопходните чекори во таа смисла.

Последниот трагичен настан, според Пендаровски, е трагедија за двајца наши сограѓани, но и осомничените, како што рече, засега се само обвинети и потребно е да се почитува пресумпцијата на невиноста, односно да се почека исходот од судската постапка.

– Меѓутоа особено првообвинетиот, е познат по таквата реторика, со говор на омраза децении наназад и никој ништо не му направил. Значи тој беше во политиката. Политиките на неговата партија низ негова уста сееја само омраза кон одредени етнички заедници кои живеат во Македонија. Значи не ме чуди дека на таква реторика, која претходеше на злосторот, сега се одговараат други со слична структура, политичари или јавни личности сеедно или луѓе активни на социјалните мрежи, кои само го продолжуваат тоа што тој го правеше со години, а системот за жал не реагираше – рече Пендаровски.

Премиерот Ковачевски вчера во Брисел оцени дека регионалната и меѓународната соработка е клучна за напредок и дека тоа особено се покажало при успешното расчистување на грозоморното двојно убиство што ја потресе Северна Македонија, регионот, но и меѓународната јавност.

Тој упати благодарност за успешната партнерска соработка до Турција, Србија и Бугарија, преку чии територии се движел осомничениот, како и до Хрватска, која самоиницијативно изврши проверка на нејзината територија и ги извести партнерските служби со земјава и за досегашната одлична соработка во рамки на ИНТЕРПОЛ.

По екстрадацијата, се очекува Палевски да биде спроведен пред органите кои ја водат истражната постапка, а Јавното обвинителство денеска треба да ја соопшти и одлуката во врска со потенцијално продолжување на мерката притвор за 46-годишниот скопјанец С.Д. одреден поради сомневање дека му помогнал на Палевски да избега во Турција.