На денешното продолжение на 86-тата седница, Собранието изгласа продолжување на рокот на кризните состојби заради недостиг на електрична енергија на територијата на цела држава, како и заради недостиг на топлинска енергија во Скопје.
Со 83 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“ беше изгласано продолжувањето на рокот на постоење на кризна состојба на целата територија на Р.С.Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, а со 86 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласана предлог-одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Денеска не беше отворен претрес за третата и четвртата точка од дневниот ред на 86-тата седница – Предлог на просторен план на Национален парк Пелистер 2016-2030 и Предлог на закон за изменување на Законот за финансиска дисциплина, поради тоа што матичните комисии се уште ги немаат разгледано тие предлози. Продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.