Генерално гледано, дводневниот самит во Тирана не донесе некаков план или визија за иднината на Западен Балкан во ЕУ. Според аналитичарите, она што недостига се опипливи резултати, дебата и преземање конкретни обврски што ќе значат рокови за заокружување на проширувањето и конечен прием на сите држави од Западен Балкан

Самитот во Тирана не даде прецизна перспектива за проширувањето на ЕУ

Со веќе слушнатите флоскули дека местото на земјите од Западен Балкан е во Европската Унија и дека некогаш сите земји од регионот ќе бидат дел од европското семејство заврши дводневниот самит ЕУ – Западен Балкан, кој за првпат се одржа во Албанија, земја што не е членка на Унијата.
Повторно не беше понудена никаква временска рамка за тоа кога земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, би можеле да се надеваат за евентуално членство во Унијата. Она што постојано го слушаат балканските лидери беше повторено и на овој самит, дека брзината на зачленување ќе зависи од самите кандидати, иако Брисел во случајот со Македонија веќе наметна правила што немаат никаква врска со европските критериуми за зачленување.
Но очигледно дека Европа повторно игра на старата проверена карта да не се обврзува со временска рамка за нови проширувања, туку да го држи Западен Балкан поблиску до себе преку разни пакети помош и ветување дека членството ќе се случи некогаш.
Имено, на самитот во Тирана, ЕУ стави на маса пакет помош од една милијарда евра за земјите од Западен Балкан за инвестиции во обновливи извори на енергија.
Освен тоа, потпишана е спогодба со која постепено ќе се намалува роамингот со ЕУ и до 2027 година целосно ќе биде укинат.
Генерално гледано, дводневниот самит во Тирана не донесе некаков план или визија за иднината на Западен Балкан во ЕУ, туку и сега владее истиот евроскептицизам како и пред средбата на високо ниво меѓу лидерите од Западен Балкан и оние од ЕУ.
На претходниот самит во јуни, балканските лидери јавно и остро ја критикуваа ЕУ токму поради недостигот од напредок во пристапните преговори поради разочарувањето што тие не ни почнале или заглавиле како Македонија, неколку години откако им беше ветено евентуално членство.
Работите малку се придвижија по руската инвазија врз Украина, кога официјален Брисел сфати дека држејќи го Западен Балкан настрана, всушност отвора простор за ширење на други влијанија тука. Но ниту војната во Украина не беше доволна причина Унијата да преземе поконкретни чекори и да понуди реална временска рамка за зачленување на земјите-кандидати, со што ќе дадеше дополнителен стимул за спроведување на неопходните реформи.
Вака самитот повторно се претвори во обична фотосесија и надеж за поевтино „ало“ за земјите од Западен Балкан со најблиските роднини и пријатели, кои веќе се раштркани низ европските земји затоа што ЕУ не понуди никаква реална европска перспектива за регионот.

Патот кон ЕУ ќе биде долг

Европските лидери во изјавите јасно истакнуваат дека се за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и дека тоа е важно за стабилноста на Европа.
– Уште од почетокот на руската агресија во Украина, Западен Балкан, кој Европа го заборави, почна да се препознава како место каде што се шири геополитичкиот конфликт. Интеграцијата на тој регион е важна за стабилноста на Европа во сите аспекти – изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб.
Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека забележал ново, попозитивно расположение меѓу членките на ЕУ во однос на можноста земјите од регионот да се приклучат на блокот во споредба со пред неколку години, пред руската инвазија на Украина.
– Сосема сум сигурен дека се појави нова инклузивна динамика и дека скептицизмот изразуван од неколку земји-членки пред неколку години сега прерасна во подготвеност активно да се протурка тоа – изјави Шолц обраќајќи се пред новинарите по завршувањето на самитот.
Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, потребно е да се обрне внимание на зголеменото влијание на Кина на Западен Балкан.
– Забележуваме многу јасно дека војната во Украина не е само сурова војна на Русија против Украина, туку и прашање дали ќе победат автократиите и законот на посилните или ќе победат демократијата и владеењето на правото – порача Фон дер Лејен.
Белгискиот премиер Александар де Кроа беше брутално искрен порачувајќи дека патот до членство на земјите од регионот ќе продолжи да биде долг.
– Знаеме дека има напредок, знаеме дека постои амбиција да се забрза тој напредок…, но нема пократок пат – рече Де Кроа.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ги повика земјите од регионот да ги остварат клучните реформи и да покажат волја да ги прифатат европските амбиции и дух. Европските лидери уште побараа и посилно да се применуваат стандардите на ЕУ, како што се владеењето на правото и поголема усогласеност со политиките на ЕУ, вклучувајќи и за миграцијата.
Единствено ентузијазам за зачленување во ЕУ доаѓа од страна на лидерите на земјите од Западен Балкан, кои и натаму инсистираат да добијат јасна перспектива кога би можело да се случи тоа за да можат да излезат пред своите граѓани и да им кажат дека процесот на проширување не е мртов и дека реформите што треба да се направат се неопходни. Сите тие се соочени со драстичен раст на евроскептицизмот кај населението, кое е разочарано од однесувањето на ЕУ.
Македонскиот премиер во рамките на самитот во Тирана имаше повеќе билатерални средби, меѓу кои и оние со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Главниот предизвик за Македонија, на што инсистира Унијата, е да се направат уставни измени и да се внесат Бугарите во македонскиот устав, по што земјава официјално ќе почне со отворање на преговарачките поглавја.

Самитите без опиплив резултат го зголемуваат евроскептицизмот

На самитот во Тирана беше потпишана заедничката декларација во која се поздравува посветеноста на Западен Балкан за демократијата, фундаменталните права и вредности и владеењето на правото. Но нагласено е дека се потребни одржливи напори за борба против корупцијата и организираниот криминал, зајакнување на поддршката за добро владеење, човекови права, родова еднаквост и правата на малцинствата.
Регионалната соработка и добрососедските односи, вклучувајќи и со земјите-членки на ЕУ, имаат посебна точка во декларацијата што произлезе од самитот ЕУ – Западен Балкан, при што како значајно се наведува спроведувањето на билатералните договори, вклучувајќи ги Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија.
– Потребни се натамошни напори за зајакнување на помирувањето и за регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања што имаат корени од минатото, во согласност со меѓународниот закон и воспоставените принципи – се наведува во текстот на декларацијата.
За извршниот директор на институтот „Преспа“, Андреја Стојковски, средбата во Тирана беше извонредна можност за обнова на заемната посветеност меѓу ЕУ, 27-те држави-членки и шесте држави од регионот.
– Добра страна беше фактот дека за првпат држава од регионот е домаќин на самитот, а далеку покорисно беше склучувањето на договорот за поевтин роаминг. Сепак, за целосен успех недостигаат дебата и преземање конкретни обврски што ќе значат рокови за заокружување на проширувањето и конечен прием на сите држави од Западен Балкан – смета Стојковски.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски констатира дека самитите се добра работа, но само доколку понудат опипливи резултати по нивното завршување.
– Секако дека самитите се секогаш добредојдени за политичарите и за дипломатите. Овозможуваат средби, отворен дијалог и честа директна комуникација. Тоа придонесува кон меѓусебното разбирање. Но кога станува збор за европската интеграција тогаш нештата се поинакви. Секоја гласна најава што повторно би завршила без никаков опиплив резултат само ги зголемува евроскептицизмот и цинизмот на јавноста – заклучува Боцевски.
Известувачот на „Дојче веле“, Бернд Ригерт, во својата статија за самитот во Тирана заклучи дека лидерите се собрале за уште еднаш да потврдат дека – на крајот, некогаш, сите балкански држави ќе бидат примени во ЕУ. Дали тоа ќе се случи по пет, десет, или 50 години, никој не кажува. Останува одговорите на ова клучно прашање да се бараат на секој следен самит. С.Т.