Квалитетот и вистинитоста на информирањето во едно општество неизбежно се рефлектираат во „степенот на доверба на граѓаните кон општествените чинители“ што ги информираат: медиумите, политичарите, институциите… Способноста на граѓаните да препознаат дезинформација најчесто се темели, прво, „на генералната недоверба спрема секоја информација“, за потоа да се почне со „проверка и споредба на една информација земајќи предвид повеќе извори“. Според истражувањето на Институтот за комуникациски студии (ИКС) спроведено во текот на октомври, годинава, како дел од проектот „Користи факти“, македонските граѓани успешно ја развиваат способноста да препознаат дезинформации и да се справат со нив

Анкета на ИКС: Политичките партии главен извор на дезинформации во Македонија

Граѓанската јавност во Македонија се чини дека како неминовност ја има прифатено состојбата на соочување и процесирање на дезинформациите во интензивната понуда на информации што ги консумираат секојдневно и постојано од различни извори. Според истражувањето на јавното мислење што го реализира Институтот за комуникациски студии (ИКС) во текот на октомври, годинава, како дел од проектот „Користи факти“, македонските граѓани успешно ја развиваат способноста да препознаат дезинформации и да се справат со нив.
Меѓу испитаниците од истражувањето доминира мислењето дека политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации. Многу од нив мислат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација. Граѓаните главно се информираат преку телевизијата, Фејсбук и веб-сајтовите, но многу малку им веруваат на медиумите. Истражувањето е реализирано преку телефонска анкета на примерок од 1.010 полнолетни граѓани во октомври 2022 година, со цел да се утврди свесноста на граѓаните за заканите од дезинформации и нивните извори, да се утврдат знаењето и вештините за препознавање дезинформации, како и однесувањето на граѓаните во однос на дезинформациите.
Истражувањето го спроведе Институтот за комуникациски студии, во соработка со институтот за демократија „Социетас цивилис“, како дел од проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада во Скопје. Проектот има цел да ја зајакне отпорноста на широката јавност и ранливите групи во Македонија кон дезинформациите.

Политичките партии препознаени како водечки дезинформатори

Доминантен заклучок од истражувањето на ИКС е дека граѓаните ги сметаат политичките партии како најголеми проширувачи на дезинформации во Македонија, а на второ место се медиумите. Според перцепцијата на испитаниците, помалку од нив одговориле дека државните институции најмногу шират дезинформации, а 13 отсто одговориле дека политичките партии, медиумите и државните институции еднакво шират лажни информации.
Ставот дека политичките партии најмногу шират дезинформации доминира кај повеќе од половината од популацијата над 55-годишна возраст. Од друга страна, пак, најчест одговор кај младите е дека тоа го прават медиумите, иако често се споменуваат и политичките партии.

Граѓаните сакаат да бидат информирани, но не им веруваат безусловно на
медиумите

Главните наоди укажуваат на тоа дека повеќето граѓани повеќепати дневно се информираат за случувањата од светот. На прашањето „Кои теми најмногу ве интересираат?“, повеќето испитаници ги избрале економијата и политиката, по што следуваат спортот, музиката и забавата, а на крајот се климата и животната средина. Повозрасната популација најмногу се интересира за политиката, додека младите се најзаинтересирани за музиката.
Како извор на информирање најчесто се користи телевизијата, а на второ и на трето место се Фејсбук и веб-сајтовите. Граѓаните на возраст од 18 до 44 години најмногу се информираат преку Фејсбук, додека, пак, телевизијата е најпопуларна кај групата граѓани од 45 до 64 и над 65-годишна возраст.
Што се однесува до довербата во медиумите, повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека се сомневаат во сите вести што ќе ги прочитаат. Речиси третина проверуваат како е пренесена веста во другите медиуми, додека само 4 проценти од граѓаните имаат целосна доверба во медиумите и во вестите што ги читаат.

Способност за препознавање дезинформации

Повеќе од половина од граѓаните мислат дека понекогаш можат да препознаат дезинформации и сметаат дека понекогаш им се случува и тие самите да споделат неточни информации. Гледано според родот, мажите се посигурни дека секогаш можат да препознаат дезинформации во однос на жените.
Што се однесува на споделувањето дезинформации, една третина од граѓаните одговориле дека воопшто не им се случило да споделат, помал дел сметаат дека тоа им се случува често, додека повеќето сметаат дека понекогаш им се случува да споделат вести што се неточни.
Граѓаните најчесто се чувствуваат вознемирено во случаите кога ќе воочат дека прочитале дезинформација. На 30 отсто од испитаниците им е сеедно, додека по 10 отсто одговориле дека се многу лути или дека се смеат во таквите случаи. Чувството на лутина и вознемиреност е позастапено кај повозрасните групи граѓани.
Има ли одговорност за дезинформирање?
Квалитетот и вистинитоста на информирањето во едно општество неизбежно се рефлектираат во степенот на доверба на граѓаните кон општествените чинители што ги информираат: политичарите, институциите, медиумите… Способноста на граѓаните да препознаат дезинформација најчесто се темели на генерална недоверба спрема секоја информација, за потоа да почнат да проверуваат и споредуваат една информација од повеќе извори.
– Недовербата е базичниот заштитен механизам на граѓаните од дезинформациите. Некако логично е што најголема е недовербата за информациите што доаѓаат од политичките партии. Тргнувајќи од фактот дека речиси нема лидер на партија во Македонија, кој нешто што рекол неколкупати подоцна не го порекол. Колку пати лидерите и други партиски претставници се „фатени во лага“, односно мораат да се дообјаснуваат речиси по секоја изјава. Штом мора да се дообјаснуваат, значи претходно манипулирале со нецелосни информации или пласирале ставови за една намена. Проблемот во сето ова е што по сите манипулации со вистината на политичарите немало никаква одговорност од никого, а граѓаните се доведени во ситуација да проценуваат од кого и колку „(по)искрено се излажани“ – вели комуникологот Синиша Пекевски.
Недовербата на граѓаните спрема медиумите, Пекевски смета дека логично произлегува од недовербата спрема политичарите и политичките партии.

– Телевизиите и печатените медиуми (нај)често ги пренесуваат изјавите на политичарите, кои се перципирани како дезинформатори, па граѓаните лесно и често ги идентификуваат медиумите со политичарите, односно политичките партии од кои потекнуваат. Во редот на медиумите не можат да се изостават и новите форми, како социјалните мрежи и порталите. Во тој контекст има многу наменски формирани портали од политички партии, со цел оцрнување на противникот. Секако, таквата состојба влијае на општата недоверба во медиумите, иако не треба сите медиуми да се ставаат во кошот на дезинформаторите. За жал, покрај сувото, гори и суровото. Но во сето ова, најзагрижувачки е што состојбата со дезинформациите е ескалирана до степен на општоприфатена незаинтересираност на граѓаните, сублимирана во реакцијата – „знаеме дека лажат, но ништо нема да се промени“. Досега немало одговорност за искажани дезинформации, па и за меѓусебните клевети и обвинувања на политичарите. Во ситуација кога еден политичар обвинува за нешто (најчесто измама, финансиски манипулации, криминал), а друг политичар го демантира или премолчува тоа, секако еден од нив лаже, или да речеме – дезинформира. Но досега институциите не постапиле да утврдат каде е вистината во таквите сериозни обвинувања: дали лаже тој што обвинува (клевети) или тој што се „брани со молчење“. Во секој случај, нема одговорност од политичарите – вели Синиша Пекевски.
Резултатите од анкетата на Институтот за комуникациски студии покажуваат дека во Македонија е потребно уште многу да се работи на зголемување на способноста на населението за препознавање на дезинформациите и на нивните извори, но и на зајакнување на професионалноста во медиумите што би ја вратило довербата кај населението. Враќање на довербата е потребна и кај политичките партии. Очигледно е дека политичарите први треба да ги засукаат ракавите, односно да понесат одговорност и да се воздржат од ширење лажни вести за дневнополитички цели.


Сензационализмот – мамка за интелектуалците

Сензациите најмногу „палат“ кај најобразованите. На испитаниците во истражувањето им беа понудени неколку наслови за иста вест, а резултатите покажаа дека повеќето од испитаниците би избрале да читаат вест со неутрален наслов. Доколку се анализираат податоците според нивото на образование, повеќето од испитаниците со завршени постдипломски студии, докторат или специјализација би читале вест со сензационалистички, односно лажен наслов. Од друга страна, пак, граѓаните со завршено основно, средно или високо образование најпрво би избрале да читаат вест со неутрален наслов.
Граѓаните се поделени и во врска со нивните ставови за теориите на заговор поврзани со Европската Унија. Па така, разликата помеѓу оние што се согласуваат дека ЕУ ги измислила вакцините за време на коронавирусот како механизам за контрола на граѓаните и оние што не се согласуваат со тоа е незначителна. Гледано според возраста, мнозинството граѓани на 25-34-годишна возраст (52 отсто) одговориле дека не се согласуваат со изјавата, додека во другите возрасни групи не се големи разликите помеѓу оние што се согласуваат и што не се согласуваат со веста.