Фото: Маја Јаневска-Илиева

Утрово има дојави за поставени експлозивни нaправи во неколку средни училишта во Скопје. Закани за поставени бомби пристигнале и за неколку трговски центри, информираа за МИА од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму посочуваат дека утрово во СВР Скопје е пријавено дека на електронски адреси на неколку средни училишта во скопско е упатена закана за поставена експлозивна нaправа.

Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Исто така, пријавено е дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа и во ТЦ Ист Гејт, ТЦ Бисер, Транспортен центар, Флатрон и ПС Центар. Веднаш се преземени неопходните мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Ова е втора дојава за бомби во училишта и институции во Скопје оваа недела. Во вторникот закани по меил добија девет средни училишта и Народна банка, за кои по полициската проверка беше утрдено дека биле лажни.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека серијата дојави до скопските училишта и институции во изминатиот период се класичен пример за хибридни закани и оти се води истрага.