фото: Влада

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, им кажа на новинарите дека прашањата за случувањата во Алијанса за Албанците треба да ги упатат кон лидерот на таа партија Арбен Таравари, а не кон него.

– За односите во Алијанса ќе ги прашате во Алијанса, не можам да одговарам во име на друга партија. Ако доставиле предлог до претседателот на Владата, тогаш ќе го прашате премиерот каков предлог добил, за тоа како ќе гласа пратеничката група на СДСМ, ќе гласа во согласност со предлогот којшто ќе дојде од Владата и врз основа на ставот којшто ќе го имаат пратениците на Алијанса. Јас не ја знам кадровската комисија во Алијанса, како им е структурирана партијата, тоа се прашања на партијата – одговори Ковачевски.

Тој додаде дека неговата комуникација е официјална и оти досега комуницирал со Таравари.

– Со Таравари комунициравме и додека се правеше владата која јас ја предводев. Тоа беше мојата комуникација со Таравари. Пред два дена комуницирав со Таравари и пред тоа имавме состанок во седиштето на СДСМ. Јас секогаш имам официјална комуникација. Ние и сега сме во коалиција со партиите кои се за продолжување на европската интеграција за државата. Изборниот настап е одлука на органите на партиите дали ќе се оди на заеднички листи, дали ќе се оди на листи коишто претставуваат традиционални коалиции на коалиционите партиите, ќе биде одлука на партиите. На крајот од денот, ние ќе имаме два блока за ЕУ интеграција и другиот ќе биде за изолација. Процесите се движат накај одржување на фер и демократски избори и победа на проевропската коалиција – додаде Ковачевски.