Уште едно ново правило, услов и критериум од Брисел за зачленување во ЕУ
Новите пораки од Брисел сугерираат дека суштината на процесот на проширување на Европската Унија не се менува драматично, но неговиот „политички контекст“ станува сè поизразен.
Иако реформите, владеењето на правото и усогласувањето со европското законодавство остануваат формално во центарот на пристапниот процес, сè појасно е дека „политичките критериуми и надворешнополитичката ориентација на кандидатите добиваат дополнителна тежина“!
Изјавите на еврокомесарката за проширување Марта Кос само ја потврдуваат насоката во која се движи политиката на Брисел. Од земјите од Западен Балкан не се очекува само да ги спроведуваат реформите неопходни за членство туку и да покажат јасна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тоа, практично, значи дека европската перспектива сè повеќе се разгледува и низ геополитичка призма.
ТРИ ПОРАКИ ОД БРИСЕЛ
Според повеќе експертски анализи, односот на Европската Унија кон Западен Балкан денес може да се прочита преку три клучни пораки.
1. Првата е дека регионот останува важен за Европската Унија и дека неговата интеграција е дел од пошироката стратегија за политичка и безбедносна стабилизација на европскиот континент.
2. Втората порака е дека од кандидатите се очекува сè поголема усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
3. Третата, можеби и најзначајна, е дека од државите што претендираат кон членство се очекува лојалност кон актуелниот геополитички курс на Брисел.
Токму оваа трета димензија го менува карактерот на дебатата за европските интеграции. Процесот повеќе не може да се објаснува само преку реформите, усогласувањето на законодавството и исполнувањето на техничките критериуми. Во услови на нова геополитичка реалност, од кандидатите се очекува и политичко позиционирање.
Тоа особено доаѓа до израз во односот кон Русија и Кина. Европската Унија не крие дека сака земјите од својот непосреден регион да ја следат нејзината надворешнополитичка линија. За Брисел, проширувањето повеќе не е само административен и институционален процес туку и инструмент на поширока европска геополитичка стратегија.
Противречностите во јавниот дискурс за европските интеграции
Сега се отвора најважното прашање, а тоа е дали идното членство во ЕУ пред сè зависи од степенот на демократските и институционалните реформи или од политичката позиција на државата кандидат.
– Формално, одговорот е јасен. Владеењето на правото, функционалните институции, независното судство, борбата против корупцијата и демократските стандарди остануваат темелни услови за членство. Но политичката практика покажува дека европската интеграција не може да се одвои од геополитиката. Европската Унија настојува да го заокружи Западен Балкан како дел од својата политичка, економска и безбедносна сфера. Во тој контекст, членството на земјите од регионот не е само прашање на исполнување критериуми туку и прашање на таканаречена „стратешка ориентација“. Оттука произлегува и една од најголемите противречности во јавниот дискурс за европските интеграции. На јавноста ѝ се претставува дека напредокот кон ЕУ пред сè зависи од реформите и од исполнувањето на европските стандарди. Во исто време, политичките услови што се поставуваат пред кандидатите сè повеќе ја вклучуваат и нивната надворешнополитичка ориентација – вели нашиот соговорник, аналитичар и дипломат од кариера.
Соговорникот се надополнува со констатацијата дека „за земјите од Западен Балкан тоа значи дека европскиот пат станува двоен процес. Имено, од една страна институционално и законодавно приближување кон ЕУ, а од друга политичко и геополитичко усогласување со нејзината стратегија“.
– Во еден ваков контекст, суштинското прашање повеќе не е само колку една земја ги исполнува техничките услови за членство. Прашањето е и колку е подготвена да го следи политичкиот курс на Унијата. Ако оваа тенденција продолжи, тогаш процесот на проширување ќе биде сè помалку само проект на институционална трансформација, а сè повеќе инструмент на европската геополитика. За земјите кандидати тоа е порака што не може да се игнорира. Имено, повеќе од јасно е дека патот кон Брисел не води само преку реформски закони и европски стандарди туку и преку јасно политичко позиционирање во новиот европски и глобален поредок – констатира нашиот соговорник, дипломат од кариера. Н.М.
НОВИНАРСКА ОПСЕРВАЦИЈА КОН ИНИЦИЈАТИВИТЕ ОД БРИСЕЛ ЗА „ПОМАЛКУ ВЕТО, ПОВЕЌЕ ПОЛИТИЧКО ОДЛУЧУВАЊЕ“ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ
Го менува ли ЕУ навистина моделот на проширување?
- Изјавите на европската комесарка за проширување Марта Кос се дел од поширока иницијатива на Европската комисија за тоа како треба да функционира Европската Унија во услови на идно проширување. Во Брисел веќе се разгледуваат нови механизми со кои наводно би требало да се олесни приемот на нови членки, а истовремено и да се обезбеди поефикасно функционирање на Унијата со поголем број држави. На прв поглед станува збор за институционални и технички промени. Но зад нив се отвора многу посуштинско прашање. Имено, како ќе изгледа Унијата во која ќе влезат нови членки и каква ќе биде нивната реална моќ на одлучување?
Европските интеграции со години се претставуваат пред јавноста првенствено како процес на реформи, усвојување европски стандарди и усогласување на законодавството. Но новите сигнали од Брисел покажуваат дека иднината на проширувањето ќе зависи и од поширока политичка и стратешка рамка.
Изјавите на европската комесарка за проширување Марта Кос се дел од поширока иницијатива на Европската комисија за тоа како треба да функционира Европската Унија во услови на идно проширување. Во Брисел веќе се разгледуваат нови механизми со кои наводно би требало да се олесни приемот на нови членки, а истовремено и да се обезбеди поефикасно функционирање на Унијата со поголем број држави. На прв поглед станува збор за институционални и технички промени. Но зад нив се отвора многу посуштинско прашање. Имено, како ќе изгледа Унијата во која ќе влезат нови членки и каква ќе биде нивната реална моќ на одлучување?
ПОМАЛКУ МОЖНОСТИ ЗА БЛОКАДА
Еден од најзначајните предлози се однесува на начинот на донесување одлуки. Меѓу опциите што се разгледуваат е поширока употреба на таканаречените „пасарели“ (премостувачки клаузули), односно преминување кон квалификувано мнозинство во области каде што европските договори го дозволуваат тоа. Целта е јасна, а тоа е да се намали бројот на ситуации во кои една земја членка може сама да блокира одлука што ја поддржуваат другите.
Еврокомесарката Марта Кос како можни примери ги посочи санкциите и борбата против даночните измами, но и одредени фази во пристапниот процес. Токму споменувањето на санкциите е особено значајно. Тоа покажува дека промената не се однесува само на административни прашања туку и на одлуки со директна политичка и геополитичка тежина. Во практика, тоа би значело постепено намалување на можноста една држава да го блокира заедничкиот став на Унијата во чувствителни области. За идните членки ова отвора важно прашање дали со проширувањето ќе добијат полноправно учество во одлучувањето или ќе влезат во Унија чиј систем на одлучување веќе е во процес на трансформација.
„ПОГОЛЕМА УНИЈА“ – ПОФЛЕКСИБИЛНА УНИЈА?
Друг важен елемент од планот се однесува на можноста за поширока употреба на таканаречената „засилена соработка“.
Идејата е група држави да можат да продолжат напред во одредена политика, додека преостанатите би имале можност да се приклучат подоцна.
– Поголема Унија треба да биде пофлексибилна Унија – порача Кос, објаснувајќи го овој пристап.
Таквиот модел би овозможил ЕУ да функционира со различни степени на интеграција меѓу своите членки. Но, истовремено, тој отвора дилема за идните членки, а тоа е всушност дали членството ќе значи исто ниво на права и влијание за сите или Европа ќе станува унија со повеќе концентрични кругови. Тоа е особено важно за земјите од Западен Балкан, кои со години го гледаат полноправното членство како крајна цел на европскиот интегративен процес.
ОД „ЧЕКАЊЕ ПРЕД ВРАТАТА“ ДО ПОСТЕПЕНО ЧЛЕНСТВО
Вториот голем чекор што го најавува Брисел е – т.н. „постепената интеграција“.
Во рамките на дебатата за идната методологија на проширувањето се разгледуваат три можности: задржување на постојниот модел, унапредена постепена интеграција и модел познат како „обратно членство“.
Постепената интеграција би им овозможила на земјите кандидати да добиваат дел од придобивките од членството и пред формалното полноправно членство. Тоа може да значи постепено вклучување во одделни европски политики, програми и механизми, без државата веднаш да ги добие сите права што произлегуваат од членството. За земјите што со години чекаат напредок во преговорите, овој модел може да изгледа како практично решение. Наместо долгиот период на чекање да заврши со формално „да“ или „не“, интеграцијата би се одвивала постепено. Но токму тука се појавува и клучната дилема.
Дали постепената интеграција ќе значи постепено добивање права или постепено преземање обврски без соодветно политичко влијание?
Тоа прашање е од особено значење за земјите кандидати, бидејќи секое проширување на нивните обврски кон ЕУ би морало да биде проследено и со соодветно учество во процесите во кои се носат одлуките.
Моделот на „обратно членство“ оди уште подалеку и отвора можност за поинаков редослед меѓу преземањето на обврските и стекнувањето на правата.
ЗАШТИТНИ МЕРКИ И „АПСОРПЦИСКИ КАПАЦИТЕТ“
Третиот предлог се однесува на создавање „заедничка рамка на заштитни мерки за идните проширувања“. Целта, според објаснувањата од Брисел, е да се обезбеди функционирањето на Унијата и да се заштитат постојните права и интереси на нејзините членки.
Четвртиот чекор е процената на влијанието што приемот на нови држави би го имал врз постојните политики на ЕУ.
Според Марта Кос, Унијата во најголем број области веќе има капацитет да апсорбира нови членки, но постојат сектори каде што ќе бидат потребни дополнителни приспособувања.
Како особено чувствителен пример таа ја посочи Украина. Обемот, структурата и продуктивноста на украинскиот земјоделски сектор, според неа, отвораат потреба од посебно разгледување на одредени чувствителни земјоделски производи. Тоа практично покажува дека политичката одлука за проширување не е доволна сама по себе. Секое ново членство носи и економски, институционални и политички последици за постојната Унија.
ШТО ЗНАЧИ СЕТО ОВА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН?
Новите идеи од Брисел покажуваат дека Европската Унија не се подготвува само за проширување со нови членки туку истовремено се подготвува и за промена на сопствениот модел на функционирање. Тоа е важен момент и за земјите од Западен Балкан. Тие повеќе не се соочуваат само со прашањето дали ги исполнуваат условите за членство. Сè поважно станува прашањето во каква Унија ќе влезат и какви права, обврски и можности за влијание ќе имаат во неа. Ако се имаат предвид и сè понагласените барања за усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, тогаш станува јасно дека идното проширување ќе има најмалку три димензии:
1. реформска,
2. институционална и
3. геополитичка.
Токму затоа, дебатата за европската перспектива на Западен Балкан веќе не може да се сведе само на прашањето колку закони се усвоени и колку реформи се спроведени. Прашањето станува многу пошироко и се отвараат прашања за тоа каква Европа се гради, какво место во неа ќе имаат идните членки и колкав политички простор ќе им остане да ги застапуваат сопствените интереси? Одговорот на овие прашања ќе биде еднакво важен и за Брисел и за земјите што сè уште чекаат пред вратите на Европската Унија. Н.М.
































