Фото: Пиксабеј / Илустрација

Русија би можела до крајот на годинава да го зголеми извозот на дизел на меѓу три и 3,5 милиони тони месечно, со што би ги надминала количините што американскиот претседател Доналд Трамп ги најави по договорот со Москва.

Рускиот вицепремиер Александар Новак за државната телевизија „Русија 24“ изјави дека земјата располага со капацитет за враќање на извозот на нивото од пред кризата.

– Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, но Русија има капацитет да го зголеми извозот на дизел. До крајот на годината тој би можел да достигне меѓу три и 3,5 милиони тони месечно, со што би се вратил на претходното ниво – рече Новак.

Трамп во петокот соопшти дека Русија се согласила да испорачува дизел на американскиот и на светскиот пазар за да придонесе за намалување на цените. Неговата администрација истовремено привремено ги ублажи американските санкции за руското гориво, воведени со цел да се ограничат приходите со кои Москва ја финансира војната во Украина, објави Ројтерс.

Според најавата на Трамп, Русија веднаш треба да испорача повеќе од 300.000 тони дизел, уште 500.000 тони во ноември и дополнителен еден милион тони кратко потоа. Новак, меѓутоа, смета дека руските испораки би можеле да бидат значително поголеми и делумно да ја ублажат нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката на светскиот пазар.

Рускиот извоз на дизел нагло се намали по украинските напади врз нафтените рафинерии и ограничувањата што Москва ги воведе за продажбата во странство. Пред серијата украински напади со беспилотни летала во 2024 и 2025 година, Русија извезуваше повеќе од три милиони тони дизел месечно, наведува Ројтерс.

И покрај ограничувањата, Москва продолжи да снабдува одредени земји, претежно во Централна Азија, врз основа на меѓудржавни договори. Според индустриски извори на кои се повикува Ројтерс, во текот на минатиот месец во овој регион биле извезени 427.000 тони руски дизел.

Договорот доаѓа во период кога високите цени на дизелот ги зголемуваат трошоците на американските превозници и земјоделци, а прашањето станува сè почувствително пред изборите за Конгресот, закажани за 3 ноември.

Американски претставници минатиот петок им кажале на украинските власти дека договорот за рускиот дизел е дел од обидите Москва повторно да се вклучи во преговорите за завршување на војната. Информацијата за Ројтерс ја потврдиле три лица запознаени со разговорите.

Договорот, сепак, наиде на критики од американски законодавци од двете партии. Тие предупредуваат дека приходите од продажбата на горивото би можеле да ѝ помогнат на Москва да ја продолжи војната, без рускиот претседател Владимир Путин да биде принуден на отстапки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, го осуди договорот, оценувајќи дека тој отстапува од долгогодишната западна политика на економска изолација на Русија.

Зеленски вчера изјави дека руските сили погодиле најмалку шест енергетски објекти во Украина, што, според него, покажува дека Москва не е заинтересирана за енергетско примирје. Меѓу погодените цели биле постројка за производство на гас и бензинска станица, објави Ројтерс.