УШТЕ ЕДЕН ОСВРТ КОН КОНЦЕПТОТ НАРЕЧЕН „ГЕОГРАФИЈА НА ЕКОНОМСКО И ПОЛИТИЧКО НЕЗАДОВОЛСТВО“ ШТО СЕ ШИРИ НИЗ ЕУ (3)
Европската Унија моментално се обидува да го унапреди проширувањето како „геополитички императив“, мотивирана главно од желбата да ја прими Украина во своите редови по секоја цена и затоа му дава на проширувањето третман на „геополитичка неопходност“. Но ЕУ се соочува со длабок внатрешен отпор кон проширувањето, поттикнат од „географијата на незадоволство“ во постојните земји членки. Експертите истакнуваат дека европските региони, кои доживуваат долгорочен индустриски пад, висока невработеност и низок степен на образование, како и низок квалитет на јавните и здравствените услуги, се главни носители на евроскептицизмот и европската интеграција, како и на расположението против далечните елити во Брисел и против приемот на нови членки во евроклубот. Според тие експерти, „географијата на незадоволство“ многу ги отежнува плановите за проширувањето на ЕУ со Украина, Молдавија и со земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија. За каква „географија на незадоволство“ станува збор?
Низ целата Европска Унија сѐ повеќе се шири појава што експертите ја означуваат како „географија на економско незадоволство“, предизвикана од големиот пад во економските активности и развојот на многу региони во сите 28 земји членки на ЕУ, но и поради политиките на Европската комисија. Експертите, предводени од влијателни личности како професорот по економска географија Андрес Родригез-Позе од Лондонската школа за економија и политички науки, го дефинираат концептот „географија на незадоволство“ како израз на фрустрација и незадоволство кога системот ги „заборава“ конкретните региони и ги „отфрла“ жителите во тие региони што се чувствуваат како „места што не се важни“. Соодветно на тоа, и жителите на таквите региони се чувствуваат како економски „заборавени“ и „неважни“.
Професорите по регионална економија од „Политекнико“, јавниот универзитет за инженерство и технолошки науки од Милано, Италија, д-р Џовани Перука и д-р Камила Ленци, се дел од сѐ поголемата група европски експерти што не говорат само за „географија на економско незадоволство“, туку сѐ повеќе и за „географија на животно и политичко незадоволство во Европа“.
Според Перука и Ленци, ваквото тројно незадоволство, економско, политичко и животно, постои веќе цели две децении во регионите на Европа. Перука и Ленци спровеле научно истражување „Корените на географијата на животно и политичко незадоволство“, кое опфатило 351 илјада жители на низа различни региони во Европа, засновано врз 16 анкети на „Евробарометар“ од 2013 заклучно со 2023 година. Резултатите од ова нивно истражување, објавено на 18 јуни 2025 година, покажале дека „географијата на животно и политичко незадоволство во Европа и ЕУ“ е директна причина за поддршката на луѓето од „заборавените региони“ за евроскептичните партии, кои се противат на натамошната интеграција на други држави во Европската Унија.
– Во заостанатите региони, односно периферните области, што бележат економски и демографски пад и кои претставуваат „места што не се важни“, луѓето живеат во несреќа како директна последица на ограничените можности и ограничените перспективи за економски развој, со кои се судираат. Овие луѓе како гласачи на изборите се изјаснуваат против системот во нивната држава, но ја искажуваат и својата недоверба кон Европската Унија. Нивното антисистемско гласање е пример за „одмаздата на местата што не се важни“ против мејнстримот на Европската Унија, односно против преовладувачката струја и елитата во Брисел – нагласуваат Перука и Ленци во своето споменато истражување.
Во обемната научна студија „Географијата на незадоволството од ЕУ“, објавена на 24 септември 2019 година, Родригез-Позе заедно со уште д-р Луис Дикстра и Хуго Поелман предупреди дека е „во пораст гласањето против ЕУ и европската интеграција, односно против натамошното проширување на ЕУ“.
– Во многу региони силната поддршка за партиите што се спротивставуваат на интеграцијата во ЕУ брзо се зголемува. Бранови на незадоволство ја зафаќаат целата ЕУ. Порастот на гласањето против естаблишментот во сопствената држава, но и во Брисел, ја загрозува европската интеграција, проширувањето на Унијата – наведоа овие тројца автори во својата студија, која има многу голема научна тежина, бидејќи ја истражува и ја мапира „географијата на незадоволството од ЕУ“ во повеќе од 63 илјади изборни единици во сите 28 земји членки на ЕУ!
Релевантноста на согледувањата во оваа студија е дотолку поголема кога се има предвид фактот што двата нејзини автора Дикстра и Поелман се членови на истражувачки институции од самата Европска комисија: Дикстра е експерт за градско и територијално планирање од Центарот за градска и територијална анализа на Европската комисија, а Хуго Поелман е специјалист за територијален развој во Генералниот директорат за регионална и градска политика на Европската комисија.
Предупредувањата на Родригез-Позе беа алармантни уште пред седум години, а што да се каже пак за ситуацијата денес?! Најновите моменти на овој план укажуваат дека колку подлабоко станува економското заостанување и колку подолго конкретниот европски регион заглавува во застојот со развојот толку посилен станува отпорот кон европската интеграција, односно кон натамошното проширување на ЕУ со нови членки! „Географијата на животно, економско и политичко незадоволство“ забрзано и во сѐ поголема мера ѝ се заканува на ЕУ.
Во својата научна статија „Незадоволството е главната закана за Европа“, објавена во април 2025 година, Андрес Родригез-Позе заклучува: „Ако продолжат маршот на евроскептицизмот и неконтролираниот економски пад на регионите низ Европа, тогаш политичките последици ќе бидат сеизмички, како земјотрес. Ова повеќе не е расправа за економија. Станува збор за опстанокот на ЕУ!“
Свето Тоевски
крај

































