Демократската зрелост на една држава се потврдува со практики со кои се надминуваат „ад хок“ принудните решенија
- Клучната улога што требаше да ја одигра оваа пржинска влада беше да обезбеди фер и демократски избори. По два изборни циклуса, стана повеќе од јасно дека техничката влада не е ништо друго туку класичен механизам за целосно блокирање на државата и институциите на половина година. Десет години подоцна нема никаква дилема дека техничката влада повеќе не е потребна
Криво насадените институционални аномалии низ годините само покажаа како една држава може да се направи дисфункционална, па одговорност на секој македонски политичар, било да е од власта или од опозицијата, е да тежнее тие дисфункционалности да се отстранат што поскоро.
Имено, деновиве македонската јавност сведочеше на жестока дебата околу потребата за укинување на техничката влада, која се формира на сто дена пред секои избори, уште позната и како пржинска влада.
Она што е познато е тоа дека клучната улога што требаше да ја одигра оваа пржинска влада беше да обезбеди фер и демократски избори. По два изборни циклуса, стана повеќе од јасно е дека техничката влада не е ништо друго туку класичен механизам за целосно блокирање на државата и институциите на половина година.
Десет години подоцна нема никаква дилема дека техничката влада повеќе не е потребна.
Секоја партија со свои калкулации
Иако сите се свесни дека пржинската влада генерира системска нефункционалност, партиите повторно ја користат дискусијата околу (не)потребата за нејзино укинување за меѓусебна пресметка.
– Ние уште во времето кога бевме опозиција баравме таа влада да престане да постои, поради тоа што прво не е функционална, второ апсолутно го нарушува имиџот на државата поради тоа што во Европа не постои друга влада и, трето, чини многу пари – вели Бојан Стојановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од своја страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, настапи ултимативно, заканувајќи се дека доколку Владата продолжи да го турка процесот за укинување на техничката влада, тие ќе ја напуштат Работната група што работи на измените на Изборниот законик.
– Овој закон за укинување на пржинската влада мора власта да го повлече, вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме – рече Филипче.
Сите „диви меса“ треба да се отстранат од државното ткиво
Добар дел експерти, професори, аналитичари, па и поранешни политичари, сметаат дека „хибридните конструкции“ треба да заминат во историјата.
– Времето на техничката влада не само што е поминато туку нејзиното понатамошно опстојување станува опасна кочница за македонската државност. Овој модел, своевремено наметнат како „диво месо“ во македонскиот уставен поредок, не ги даде очекуваните резултати. Напротив, низ годините се потврди дека станува збор за хибридна конструкција, која наместо стабилност, продуцираше институционална парализа, длабок политички јаз и меѓусебни опструкции – велат соговорниците.
Според нив, крајно време е почнеме да веруваме во себе дека сме способни да организираме фер избори.
– Мораме да прекинеме со политичкиот инфантилизам дека ни е потребен „тутор“ за да спроведеме обичен изборен процес. Пржинскиот систем беше замислен како привремена дијагноза за акутна криза, а не како трајна терапија што ќе го труе македонскиот политички организам со децении. Со неговото отстранување, ние всушност го враќаме дигнитетот на гласачот, порачувајќи му дека неговата волја е посилна од кој било меѓународен договор потпишан во затворени резиденции како онаа во Пржино – посочуваат соговорниците.
Парламентарното собрание на Советот на Европа го потврди демократскиот капацитет на македонските институции
Тие немаат никаква дилема дека државата не смее да биде заложник на политичките лидери, кои не можат да излезат од сопствениот тунел на лоши процени и кои во техничката влада гледаат последен појас за спасување.
– Наместо да трошиме енергија на Бадентерови стапици и етноцентристички флоскули, треба да се фокусираме на создавање функционална држава со индивидуален интегритет. Ако навистина влегуваме во отстранување на „дивите меса“, тогаш овој вонуставен дефект е првиот чекор кон вистинска суверена иднина. Време е Македонија да престане да биде лабораторија за странски експерименти и конечно да застане на нозе како зрела европска демократија, која си ја знае својата сила – истакнуваат соговорниците.
Според нив, неодамнешната одлука на Советот на Европа за укинување на набљудувачката мисија е најсилниот аргумент дека Македонија веќе не е „држава под старателство“.
– Со ова, меѓународната заедница потврди дека земјата има демократски институции и капацитет самостојно да организира фер избори. Воведувањето современи технологии, како системите со отпечатоци од прсти, создаде изборен процес што е технички речиси невозможен за манипулација. Граѓаните се веќе длабоко свесни за вредноста на својот глас и за нив ваквата „преодна контрола“ е понижувачка – додаваат соговорниците.
Непотребна економска стагнација
Некои од нив се осврнуваат и на економските последици што државата ги трпи бидејќи половина година ништо не функционира, на што реагира и бизнис-заедницата.
– Техничката влада буквално ја киднапира државата на половина година. Системот на паралелни министри и дополнителни заменици не е ништо друго освен паразитски апарат, кој паѓа на грбот на граѓаните. Додека државата е во „преоден период“, реформите стојат, економијата стагнира, а буџетот се троши на политички пазарења наместо на капитални проекти. Тоа е скап и неефикасен модел, кој продуцира административен хаос – сметаат бизнисмените.
Од проект за редефинирање до државен суверенитет
Како и да е, ако пржинската влада своевремено беше дел од еден поширок проект за промена на името и идентитетот, односно вонуставна алатка за спроведување странски агенди, денес таа нема никаква логична основа. Исто како што во историјата замина моделот „победник со победник“, така и овој „модел на Франкенштајн“ мора да биде укинат. Македонија не смее повеќе да биде полигон за правни експерименти бидејќи крајниот резултат е нефункционална држава и незадоволни граѓани.
Враќањето кон нормалното функционирање на државата е прашање на национално достоинство и суверенитет. Македонија има своја историска нишка и традиција на државност, почнувајќи од АСНОМ до денес, така што не ѝ се потребни „манџи“ зачинети од туѓи готвачи. Време е државата да почне да функционира по граѓански и институционални принципи, каде што одговорноста ќе ја носи тој што победил на избори, а не хибридни тела што ја разнебитуваат нејзината функционалност.
































