Според нашите соговорници, експерти и професори по меѓународно јавно право, нашиот премиер Ковачевски треба да е исклучително внимателен и денес, за време на разговорите на дводневниот самит на ЕУ. Имено, експертите истакнуваат дека кој било предлог усно прифатен од страна на македонскиот премиер Ковачевски, од ЕУ би се сметал за договорно прифатен и Унијата веќе би сметала дека Македонија дала согласност! Имено, тргнувајќи од меѓународното право, усни и писмени изјави на премиер или претседател на држава ги обврзуваат владата и државата! За издвојување е дека е добро што францускиот предлог, во ваква форма, веќе е прогласен за неприфатлив од страна на нашиот премиер!
ПРЕСИНГ НА САМИТОТ НА СОВЕТОТ НА ЕУ ПОД ФРАНЦУСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО
Од вчера, 23 јуни, во Брисел е во тек дводневниот самит на ЕУ, од кој се очекува некаков сигнал за придвижување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. На самитот, на кој учествуваат шефови на држави и влади на Европската Унија и од регионот на Западен Балкан, сепак, се разговара за пошироката Европа, Западен Балкан, Украина, апликациите за членство во ЕУ од Украина, Република Молдавија и Грузија, како и економските прашања и надворешните односи.
Во пресрет на одлуката што веќе четврти пат е оневозможена со ветото на Бугарија
Веќе „традиционално“, интересот на Македонија за време на одржувањето на самитите на ЕУ е фокусиран на конечен почеток на преговорите за членство во Унијата, одлука што веќе четврти пат е оневозможена од ветото на Бугарија, придружено со голем број услови (уцени) за усвојување на преговарачката рамка за македонските евроинтеграции. Како обид за решение на спорот предизвикан од бугарските барања, француското претседателство подготви предлог-текст на преговарачката рамка за Македонија, за чие прифаќање треба да одлучува и Собранието во Софија. Носењето одлука за овој француски предлог, односно одлука за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции е една од главните причини за падот на бугарската влада, предводена од Кирил Петков, во средата, на 22 јуни, непосредно пред почетокот на самитот на ЕУ.
Сепак, на актуелниот самит во Брисел се присутни и македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, и бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков. Надежите за повлекување на бугарското вето, како на засегнатите страни (Македонија и Албанија), но и на еврофункционерите, се сведени на своевиден „обврзувачки минимум“, особено што во Софија се наоѓаат начини во Собранието никако да не започне расправата и да не се случи гласање за т.н. француски предлог. Случувањата во бугарското собрание беа причина што, во текот на вчерашниот ден, Советот за општи работи на ЕУ не можеше да утврди и одобри точка на дневниот ред на самитот за кандидатскиот статус на Македонија.
И вербалните ставови на засегнатите страни во врска со каков било (нов и друг) предлог создаваат обврски за државите
И високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, изрази незадоволство што во Бугарија нема напредок во однос на отворањето на пристапните преговори за Македонија и за Албанија и рече дека тоа „покажува оти консензусот не е добро решение за донесување одлуки во ЕУ“.
– Овој случај уште еднаш покажува дека проблемот е во консензусот во одлучувањето. Не можеме да продолжиме затоа што една земја блокира. Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес за две земји, но не можеме, бидејќи една земја го блокира целиот процес. Треба да ги разгледаме нашите методи на работа – го изрази Борел своето гледиште.
Според нашите соговорници, експерти и професори по меѓународно јавно право, нашиот премиер Ковачевски треба да е исклучително внимателен во разговорите на дводневниот самит на ЕУ. Имено, експертите истакнуваат дека кој било предлог усно прифатен од страна на македонскиот премиер Ковачевски, од ЕУ би се сметал за договорно прифатен и Унијата веќе би сметала дека Македонија дала согласност! Имено, тргнувајќи од меѓународното право, усни и писмени изјави на премиер или претседател на држава ги обврзуваат владата и државата. За издвојување е дека е добро што францускиот предлог, во ваква форма, веќе е прогласен за неприфатлив од страна на нашиот премиер!
Патем споменато, истото тоа се однесува и за бугарскиот премиер во оставка, Петков, кој може да даде слична усна изјава за тргнување на ветото, со која би ги обврзал бугарската влада и држава. Со таквата изјава, дури и усно дадена, Бугарија се согласува со деблокирањето на Македонија во процесот на евроинтеграции. На овој начин Петков може да го деблокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Меѓународните експерти заклучуваат и предупредуваат дека конечниот исход од оваа правно-теоретски заснована можност, може да дојде и како резултат на таквите две (усни) изјави, што е исклучително лизгав терен на меѓународното право, доколку некој не го познава добро.
Да не се избрзува ниту во неформалните ниту во формалните разговори на самитот
Сепак, и покрај таквата теоретска можност за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, во (гео)политичката реалност останува да виси прашањето за правната валидност на вака замислениот процес.
– Имајќи ја предвид политичката ситуација во Бугарија, предизвикана од можноста за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции, тешко е и да се размислува во правец на опцијата за усно прифаќање од страна на бугарскиот премиер Петков, и тоа на самитот на ЕУ во Брисел. А и реакциите во македонското општество на истиот предлог не одат во прилог на можноста тоа да го направи и премиерот Ковачевски. На веројатноста за усно прифаќање на францускиот предлог би можело да се гледа како на симболичен гест, но не би имало правна тежина, ако не помине низ националните институции, како на Бугарија, така и на Македонија. Во Собранието на Бугарија веќе е започната процедурата на разгледување на францускиот предлог и тешко е да се поверува дека Петков би се согласил за негово прифаќање и повлекување на ветото без одлука на парламентот – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Директорот на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), Владимир Божиновски, смета дека е многу малку веројатно зелено светло за почеток на македонските преговори само со усни гаранции на двајцата премиери.
– Од правен аспект е многу дискутабилно започнување евроинтегративен процес само со некакви усни гаранции. Освен тоа, таков потег би бил политички многу ризичен, како за бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков, така и за македонскиот премиер, Димитар Ковачевски. Од друга страна, во македонската јавност, Владата официјално се држеше до позицијата дека не ѝ бил доставен и дека не го видела францускиот предлог за преговарачката рамка. Како би се согласил за неа премиерот Ковачевски во Брисел, ако (како што тврди) не ја добил и немал можност да ја види? Сепак, како некоја формалноправна опција за почеток на преговорите со ЕУ останува 30 јуни, кога завршува француското претседателство со Унијата. Дотогаш во бугарското собрание би можела да биде донесена одлуката, па евентуалното повлекување на ветото да се констатира во институциите на ЕУ. Одлуката за почеток на преговорите не мора да се случи на самитот – вели Владимир Божиновски.
Ковачевски: Францускиот предлог неприфатлив за Македонија
На прес-конференција на самитот на ЕУ во Брисел, македонскиот премиер Димитар Ковачевски кажа дека францускиот предлог за одблокирање на македонските интеграции е неприфатлив за Македонија во сегашната форма. Сепак, тој не го отфрли целосно и рече дека остава простор ако се постигне разбирање за нашите позиции, разговорите да продолжат за пристапните преговори со ЕУ да почнат овој месец.
– Предлогот во оваа форма е неприфатлив за мене, претседателот, Владата, коалициските партнери и за граѓаните на Република С. Македонија. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за нив за да се започнат преговори до краjот на јуни – изјави Ковачевски по завршувањето на самитот ЕУ – Западен Балкан.
Ковачевски рече дека Македонија има три клучни барања за преговарачката рамка: признавање целосно на македонскиот јазик, историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и преговорите треба да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, но и да добиеме гаранции дека нема да има нови услови од Бугарија.
– Ништо помалку и ништо повеќе, почит за лингвистичкиот, културниот, етничкиот и историскиот идентитет на мојот народ – рече Ковачевски.
Откажана заедничката прес-конференција по самитот со земјите од Западен Балкан
Во Брисел беше откажана прес-конференцијата на лидерите на ЕУ што требаше да се одржи по самитот ЕУ – Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел. На прес-конференцијата требаше да говорат францускиот претседател Емануел Макрон, како актуелен претседавач со ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Пред почетокот на самитот, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изрази незадоволство поради недостигот од напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, додавајќи дека тоа покажува оти принципот на консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ.