Преку ваквото однесување на Бугарија флагрантно доаѓа до израз нефункционирањето на меѓународното право, а со тоа и целиот систем на заштита на помалите земји и поединци, кои единствена шанса за остварување на сопствените права гледаат токму во постоењето и почитувањето на меѓународниот правен ред и поредок. Македонија е еклатантен светски пример над кој беа извршени акти на колосално непочитување и прекршување на меѓународното право по низа основи и за тоа никој не презеде ниту трошка одговорност. Во истиот контекст, никој надворешен фактор не се потруди да почне да го применува правото секогаш и без исклучоци врз основа на заеднички утврдените меѓународноправни принципи, а не врз индивидуално толкување на правото онака како што им одговара на помоќните држави

Речиси 200 пресуди на Европскиот суд за човекови права игнорирани од бугарските власти

Бугарија останува на врвот на листата земји-членки на Советот на Европа според бројот на неспроведени одлуки на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), што е само дополнителна потврда дека официјална Софија целосно го игнорира меѓународното право, а со тоа и ги прекршува обврските што ги презела како членка на Советот на Европа (СЕ) и воопшто како членка на Европската Унија (ЕУ).
Бугарија упорно одбива да спроведе 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со регистрацијата на македонските здруженија во оваа земја, со што бројката на случаи во кои Советот на Европа го вперува прстот кон Софија за непочитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права се искачи на вкупно 182.
На ова се придодаде уште еден случај што неодамна во Европскиот суд за човекови права го добија поранешниот престолонаследник и бивш премиер на Бугарија Симеон Сакскобурготски и неговата сестра, на кои Бугарија треба да им плати 1.635.875 евра плус додатоци.
Имено, во 2021 година, Симеон и неговата сестра Марија Луиза ја тужеа Бугарија за мораториумот на нивните имоти во 2009 година. Со мораториумот на двајцата им беше забрането да располагаат со шумското земјиште до донесување посебен закон. Сепак, таков закон сè уште не е усвоен, а мораториумот продолжува да функционира на сите имоти вратени на кралското семејство по падот на комунистичкиот режим. Семејството на поранешниот бугарски премиер и престолонаследник го оспори мораториумот пред ЕСЧП, а судот со својата одлука од пред две години даде можност во рок од шест месеци државата и Сакскобурготски да постигнат договор за отштета што бугарската влада ќе ја плати за материјалната штета. Во сегашната одлука судот потсетува дека веќе одлучил да определи надомест за тужителот за претрпената штета со изрекувањето на мораториумот, бидејќи со него се прекршува конвенцијата за човекови права што го штити имотот. Судот во Стразбур исто така пресуди дека е повредено правото на правично судење, бидејќи мораториумот не може да се обжали.
Сето ова јасно говори дека Бугарија не почитува никого, вклучувајќи ги и институциите надлежни за спроведување на меѓународното право, и упорно одбива да спроведе речиси 200 пресуди, а заканите од страна на Советот на Европа дека ќе биде исклучена од ова тело очигледно не ја загрижуваат премногу.
Во последниот извештајот за 2022 година на Комитетот на министри на Советот на Европа за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа бара од 46-те земји-членки да покажат политичка волја и да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и да ги подобрат своите капацитети за тоа.

– Почитувањето на судските одлуки е од суштинско значење за владеењето на правото. Низ цела Европа конвенцијата за човекови права ги смени на подобро животите на луѓето, но за да продолжи позитивниот импакт, земјите-членки на Советот на Европа мора да покажат политичка волја и целосно и доследно да ги спроведат пресудите – вели генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Преку ваквото однесување на Бугарија флагрантно доаѓа до израз нефункционирањето на меѓународното право, а со тоа и целиот систем на заштита на помалите земји и поединци, кои единствена шанса за остварување на сопствените права гледаат токму во постоењето и почитувањето на меѓународниот правен ред и поредок. Македонија е еклатантен светски пример над кој беа извршени акти на колосално непочитување и прекршување на меѓународното право по низа основи и за тоа никој не презеде ниту трошка одговорност. Во истиот контекст, никој надворешен фактор не се потруди да почне да го применува правото секогаш и без исклучоци врз основа на заеднички утврдените меѓународноправни принципи, а не врз индивидуално толкување на правото онака како што им одговара на помоќните држави.
Бугарија не е од редот на толку големите и толку моќни држави, но секако е во многу подобра позиција од Македонија, бидејќи е членка на ЕУ, заедница кон која земјава се стреми да се придружи, и е во позиција да уценува. Единствен начин земјава да им се спротивстави на бугарските уцени е повикување на меѓународното право, но очигледно тоа за официјална Софија важи само кога станува збор за бугарските интереси.
Вината за таквото неосновано арогантно однесување на Бугарија треба да се бара исклучиво во меѓународната заедница, која, освен што констатира прекршување на меѓународното право и бара спроведување на пресудите, во практика не презема никакви контрамерки.

– Тоа долгогодишно молчење доведе до воени дејства во Украина, но и во многу други земји низ светот, кои потпирајќи се само врз почитувањето на меѓународното право, останаа сами во својата борба, целосно уништени и осиромашени. Бугарија го користи истиот начин на однесување кон своите соседи блокирајќи им ја европската иднина, кон малцинствата на кои им забранува да регистрираат здруженија, па дури и кон бугарски граѓани, кои правдата мора да ја бараат пред Европскиот суд за човекови права. Истата таа Бугарија кога станувала членка на Советот на Европа, на ЕУ, впрочем и на Обединетите нации, се обврзала дека ќе ги почитува меѓународното право и правилата на игра. Тоа што сега се соочува само со вербална осуда нема да даде никаков ефект. Толерирањето на таквите дејства што ги прави Бугарија, кои директно го прекршуваат меѓународното право, ќе доведе една мала држава како Македонија и нејзиниот народ да се соочат со предизвикот да бидат збришани од светската мапа на посебност, на култура, јазик, историја… Всушност, и самата премолчност и порозност на меѓународното право и поредок „да дозволи Македонија и Македонците да се соочат со споменатите предизвици“ претставува неуспех на меѓународното право и на меѓународните институции. Сѐ поочигледно е дека „единствениот норматив по кој ќе се уредува светот ќе биде силата“ – констатираат познавачите на состојбите.