Фото: Министерство за транспорт

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека е надминат проблемот поврзан со железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија и дека од Софија пристигнуваат позитивни сигнали во однос на изградбата на граничниот тунел, пренесе МИА.

Во гостување во поткастот „Риштази“, Николоски посочи дека прашањето било од техничка природа и дека двете страни покажуваат подготвеност за продолжување на проектот.

-Проблемот со Бугарија во однос на пругата е решен. Тоа беше чисто технички проблем. Добиваме позитивни сигнали за тунелот и штом колегите од Бугарија се подготвени, ќе работиме и на граничниот тунел – изјави Николоски.

Тој потсети дека во ноември минатата година бил потпишан меѓудржавен договор со тогашниот бугарски вицепремиер и министер за транспорт Гроздан Караџов, а по формирањето на новата влада во Бугарија, од Софија пристигнуваат сигнали дека постои интерес за продолжување на соработката.

Според Николоски, Македонија веќе активно работи на изградбата на железничката инфраструктура на својата територија. Железничката линија од Скопје до Куманово е во функција, а во јануари годинава беше пуштена во употреба делницата Куманово – Белјаковце.

Во моментов интензивно се работи на изградбата на пругата од Белјаковце до Крива Паланка, додека за третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, веќе е распишан тендер за надзор. Во следните недели се очекува да биде објавен и тендерот за избор на изведувач.

Николоски нагласи дека проектот се реализира во соработка со Европската инвестициска банка и според нејзините процедури, додавајќи дека целта е железничкото поврзување меѓу Скопје и Софија да биде завршено до 2031 или 2032 година.