Меѓународниот ден на лицата со попреченост како повод
Во неделата од страна на центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС детско село“ во просториите на домот на културата „Димитар Влахов“ во населбата Автокоманда беше реализиран настан по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на темата „Трансформативни решенија за инклузивен развој: улогата на специјализираните згрижувачки семејства во поттикнување достапен и рамноправен свет“. Целта на настанот беше мобилизирање и регрутирање потенцијални згрижувачки семејства, со фокус на идни специјализирани згрижувачки семејства што можат да обезбедат специјализирана грижа за деца со попреченост.
Настанот беше поддржан од градоначалникот на општината Гази Баба, Бобан Стефковски, а воведни обраќања имаа националната директорка на „СОС детско село“ – Скопје, Јулијана Накова Гапо, и претставничката од Министерство за труд и социјална политика Елка Тодорова.
На самиот настан се истакна за важноста и потребата од поголем број специјализирани згрижувачки семејства во нашата држава, за подобрување на квалитетот на животот на децата со посебни потреби.
– Меѓународниот ден на лицата со попреченост е денот кога сакаме да ја потенцираме можноста на системот за згрижување, со оглед на фактот дека најдобро место за живеење на децата е згрижувачкото семејство, каде што тие ќе имаат топлина и љубов. Посебен предизвик во работата на постојните центри за згрижувачки семејства е потребата од зголемување на бројот на специјализирани згрижувачки семејства, поточно лица што ќе згрижат деца со попреченост во развојот и деца во ризик. Со оглед на тоа што грижата за овие деца е покомплексна, згрижувачите добиваат дополнителна обука и стекнуваат дополнителни знаења, меѓутоа секако тоа не е доволно, па затоа е потребен и дополнителен придонес од страна на локалната заедница и на државата за развој на социјални услуги што ќе им олеснат за поквалитетно да ја спроведат грижата за децата – истакна Елка Тодорова, раководителка за заштита на деца и семејство, претставничка од Министерството за труд и социјална политика.
Таа истакна дека во таа насока Министерството за труд и социјална политика дава безрезервна поддршка преку развој на социјални услуги и со воведување лични асистенти и образовни асистенти што им помагаат на децата што се сместени во згрижувачки семејства додека тие посетуваат настава.
– Се отвораат дневни центри во кои децата можат да престојуваат одредено време. Тука е и надоместокот за згрижување, кој имаме интенција постојано да го зголемуваме во согласност со порастот на трошоците за живот, било да е обично или специјално згрижувачко семејство. На ниво на држава имаме околу 80 згрижувачки семејства, но потребата од таков тип згрижувачи е многу поголема и затоа апелираме на што поголема вклученост во оваа хумана дејност со која овие деца ќе добијат вистинска грижа, љубов и семејна топлина што ќе им помогне многу полесно да ги надминат животните пречки со кои се соочуваат – додаде Тодорова.
Значајно место на настанот имаа и специјализираните згрижувачки семејства, од кои некои дури 20 години во своите домови се грижат за деца и лица со попреченост. Љубовта и грижата што згрижувачите ги даваат денес ќе одекнат низ годините, влијаејќи на текот на животот на децата и на заедниците во кои тие стануваат дел.
– Нашето семејство функционира во една семејна хармонија во која сите сме вклучени еднакво. Тоа се однесува на организацијата и реализацијата на дневните активности, во што секој учествува во согласност со своите можности и способности, за секој да се почувствува корисно. Така, си го исполнуваме денот и си го правиме многу забавен – истакна Марика Аврамовска, која 20 години згрижува деца.
Таа додаде дека нивните биолошки деца се веќе возрасни и имаат самостоен живот и дека сега нејзина грижа се две девојки со попреченост.
– Благодарение на овие две девојки никогаш не почувствуваме осаменост по осамостојувањето на нашите деца, затоа ги охрабрувам сите семејства што имаат еден слободен кревет, големо срце и топол дом, нека ги отворат вратите, нека подадат рака и нека станат згрижувачи. Грижата за лице со ограничени можности ќе ви донесе пријател за цел живот – порача Аврамовска.
На овој Меѓународен ден на лицата со попреченост се испрати силна порака „нека нашиот колективен глас ечи со ветувањето за поинклузивна и сочувствителна иднина, за што поголем број специјализирани згрижувачки семејства, кои на сите деца и лица без исклучок ќе им овозможат достоинствен живот и еднакви можности“.
– Веруваме дека во оваа пригода не само што го истакнавме значењето на специјализирани згрижувачки семејства туку ќе овозможиме и создавање платформа за идни активности и иницијативи што ќе продолжат да го поддржуваат и засилуваат овој вид на заедница. Процесот на деинституционализација во нашата држава ја актуелизира потребата од специјализирани згрижувачки семејства како најдобра форма за децата без родители или родителска грижа со која ќе им овозможи на децата со посебни потреби соодветна грижа и поддршка за соодветен раст и развој на нивните потенцијали – истакнаа Александра Иванов од центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС детско село“.
Како да се стане згрижувач и како да се даде поддршка
– Сите што имаат желба и мотивација да го отворат својот дом и да му обезбедат грижа на дете што има потреба, вклучувајќи и деца со попреченост, бебиња, деца жртви на насилство или запоставување и деца изложени на ризици се охрабрени да се обратат во центарот, за понатамошни информации и вклучување во почетна обука за згрижување – информираат од „СОС детско село“.
Преку своето работење центарот им има помогнато на вкупно 64 згрижувачки семејства да создадат безбедно и сигурно опкружување за вкупно 150 деца и млади, за тие да можат да растат, да се развиваат и да го остварат својот полн потенцијал. Главната задача на центарот е да им помогне и да ги насочува згрижувачките семејства за да можат да обезбедат квалитетна семејна грижа, каква што му е потребна на детето во неговото згрижување. Преку центарот, „СОС детското село“ дава придонес за промоција на згрижувањето, спроведувајќи кампањи, отворени настани и едукации за мобилизација и поттикнување на потенцијалните згрижувачи да станат згрижувачи.
– За оние кандидати што ќе се одлучат да станат згрижувачи, центарот обезбедува висококвалитетна стручна помош и поддршка преку процена, континуирана обука, следење и давање предлози за подобрување на згрижувањето во згрижувачко семејство. Во согласност со стандардите утврдени во законот и методологијата за јакнење на згрижувачките семејства ПРИДЕ (PRIDE), обезбедени се најнапредни обуки за потенцијалните и постојните згрижувачи. Освен воведни и континуирани обуки, центарот обезбедува совети и насоки за згрижувачките семејства за заеднички „најдобар интерес на детето“, како што налага Конвенцијата за правата на детето. Во рамките на работата се обезбедува редовна и континуирана заложба за унапредување на материјалните услови, обезбедување дополнителна материјална помош, помош во вклучување во неформална едукација, организирање групи за самопомош.
– Од центарот особен фокус се става на подготовката на детето и згрижувачкото семејство за сместување и напуштање на грижата, учество во подготовка на лицето за враќање во биолошко семејство, промена на обликот на заштита или осамостојување, истакнуваат од центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС детско село“.
Ниту една друга организација не поседува сеопфатно искуство за обезбедување алтернативна грижа како центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС детско село“, а тоа искуство им помага да ја унапредат нивната работа, нивниот пристап, нивната грижа.
– Децата секогаш биле центарот на нашето дејствување. За згрижените деца што останале без родители и родителска грижа, покрај квалитетна грижа, обезбедуваме и материјална поддршка, советување, организирани едукативни активности за деца, летни кампови, вклучување во курсеви и хобија. Покрај директната поддршка на згрижени деца, имаме огромно искуство во обезбедување директна стручна помош и поддршка на згрижувачите што непосредно се грижат за децата, нивна континуирана едукација, стручно советување и јакнење на нивните компетенции. Ние ги препознаваме напорите и предизвиците со кои се среќаваат згрижувачките и им даваме поддршка каква што им е најпотребна – потенцираат од центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС детско село“.
Кому му имаат помогнато и му помагаат
- „СОС детско село“ им помага на децата и младите без родителска грижа во Македонија.
- Им има помогнато на над 300 семејства во ризик и има спречено над 900 деца да бидат разделени од биолошките семејства.
- Успеале да им помогнат на над 170 млади да се вработат, но и да се отворат над 50 мали бизниси.
- Имаат обезбедено топол дом, љубов и грижа за повеќе од 300 деца и млади без родители и родителска грижа
- Имаат реализирано повеќе од 300 обуки и успеале да им помогнат на над 600 млади да ги зајакнат своите можности за вработување.
- Досега им помогнале во процесот на осамостојување и независност на повеќе од 100 млади без родители и родителска грижа.