Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, во Брисел, се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), на чија агенда беше пристапниот процес на Македонија во ЕУ.

Османи рече дека за почетокот на пристапните преговори минатата година била потребна политичка храброст со цел остварување на нашата прва зацртана стратешка цел – членство во ЕУ, во интерес на нашите граѓани.

– Потполно сум свесен за дилемите и стравовите на моите сограѓани дома. Ги почитувам и постојано се трудам аргументирано да дебатирам. Ни претстои неповторлива шанса конечно да отскокнеме и да ги зацврстиме нашата самодоверба, почитувањето и заедничката мисија. Таа во моментот, поради демократски зовриената размена, не се препознава добро, но набргу ќе се соочиме, секој на свој начин, со сопствената одговорност. Напред кон Европа со повеќе интеграција на патот до полноправно членство или назад повторно кон поделби и залудно изгубено време – порача Османи.

Министерот ги информира европратениците, членови на Комисијата, за успешниот тек на скрининг-процесот на европското законодавство реафирмирајќи ја нашата посветеност кон зајакнување на функционирањето на демократските институции и на владеењето на правото како области од клучно значење за натамошниот тек на преговорите.

– Подготвени сме за постигнување консензус меѓу политичките партии за клучните области од реформите и европската агенда и за зајакнување на соработката со Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции како форуми за водење на конструктивна дебата за ЕУ-реформите и пристапните преговори – истакна Османи.

Гласањето на нацрт-резолуцијата за Македонија за 2022 година во Комисијата е предвидено за крајот на мај, а усвојувањето на пленарна седница на Европскиот парламент се очекува кон средината на јуни 2023 година.